Во себе треба да се негува духот на молитвата
 
 
 
 
 

Во себе треба да се негува духот на молитвата (28.02.2014)

Делото на молитвата е прво дело во животот на христијанинот. Ако во вообичаениот живот изреката „човекот учи додека е жив“ има сила, уште повеќе истата треба да се примени кај молитвата, односно нејзиното практикување кое не би требало да се прекинува, и чии нивоа немаат граници.

Би сакал да потсетам на мудрата традиција кај древните свети Отци, т.е. како тие се поздравувале кога ќе се сретнеле; не се прашувале за здравјето или нешто друго, туку за молитвата: „Како ти оди или како дејствува молитвата?“ Практикувањето на молитвата било во нивните очи знак за духовниот живот, па затоа молитвата ја нарекувале дишење на човековиот дух. Ако телото дише, живо е, ако дишењето престане – престанува и животот. Така е и со духот: кога има молитва, живее, а ако ја нема, и духот не живее.

Сепак, секое извршување на молитвата или изговарање на истата не е молитва. Стоењето пред икона, дома или во црква, и правењето поклони не е молитва, туку својство на молитвата. Изговарањето напамет или читањето од книга, или слушањето како друг чита – сѐ уште не се молитва, туку средства за молитвата, или начин на нејзиното изразување.

Самата молитва претставува подигнување во нашето срце, едно по друго, на побожни чувства кон Бога – чувство за сопствената ништожност, и предаденост на Бога, благодарење, славословие, простување, срдечно припаѓање, покајание, послушност кон Божјата волја, и друго. Целата наша грижа треба да се однесува на тоа како за време на молењето, тие и слични на нив чувства да ни ја исполнат душата – нашето срце да не биде празно, туку во него да постои некое чувство насочено кон Бога. Кога таквите чувства постојат, нашето молитвословие е молитва, а кога ги нема – не е.

Човекот си вели: што е поедноставно и поприродно за нас од молитвата или копнежот на срцето по Бога? Меѓутоа, неа ја немаат сите, а и тие што ја имаат, ја немаат постојано. Тој копнеж треба да се поттикне, па поттикнатото да се засили, односно во себе треба да се негува духот на молитвата.

 

Свети Теофан Затворник