Колку повеќе го истоштуваме телото во постот, толку повеќе духовни плодови ќе имаме
 
 
 
 
 

Колку повеќе го истоштуваме телото во постот, толку повеќе духовни плодови ќе имаме (03.03.2014)

Темел на сите добри дела е постот. Со него се скротуваат дивите страсти и отстапуваат лошите желби. Сеќавањето на смртта, солзите, целомудреноста, исчезнувањето на нечистите помисли се резултат на постот. Со постот се отсекуваат негрижата и пороците погубни за душата. Постот го искоренува секое срамно мечтаење и во човекот создава страв од Бога и желба за вечениот живот. Во душите што постат како што заповеда нашата света Црква, почива Господ. Оние што постат имаат надеж дека ќе го наследат Небесното Царство.

Оној што го запоставува постот нека знае дека ги разнишува темелите на сите добродетели, затоа што постот е почеток на секоја духовна активност и пат кој води кон Христос. За некој да пости потребно е трпение, зашто треба да се воздржува од некои јадења кои му годат на телото и го задоволуваат.

Обилното и омилено јадење во душата отвора пат за телесните помисли. И, многупати се случува во нас долго да живеат страстите, и тоа само поради лакомоста. И така, малку по малку, незабележително, се чувствува духовна оладеност и исчезнува ревноста во постот. Се руши секој човеков обид за здобивање добродетел и настапува дремливоста на душата, која е почекот на духовната смрт. Душата се исполнува со мракот, вознемиреноста и оладеноста, а на крајот доаѓа унинието, кое е отсуство на трудот за која било духовна активност. Телото по својата природа е мрзливо и ако не го поттикнуваме, никогаш нема да ја почувствуваме сладоста на духовниот живот. Затоа што, телото е противник на душата и го бара она што таа не го сака, како што вели апостолот Павле: „Телото е против духот, а духот против телото“. Храната, како и сите останати богатства се дар од Бога. Нивната употреба е разумна, а злоупотребата неразумна и погибелна.

Преподобен Исаак Сирин