Запомни го она што е главно за душата
 
 
 
 
 

Запомни го она што е главно за душата (04.03.2014)

Секој ден сметај го за последен од својот живот, помини го воздржано, со страв од Бога, подготвувајќи се за страшниот одговор за целиот живот и за сите гревови. Секое дело осветувај го со молитвата, со изговарањето на Божјото име, ако сакаш успех. Потсети се на зборовите: „Без Мене не можете ништо да направите“.

Возљуби Го Бога и ќе најдеш рај во душата, љуби го ближниот во името на Бога, како Божјо чедо, и ако се одречеш од себе според Божјата заповед, сите ќе ти бидат пријатели.

Кој се сака самиот себе, тој не може да Го љуби Бога и нема да му служи на ближниот самопожртвувано.

Сите гревови потекнуваат од лубовта кон себе. Почетокот на добрините е во одрекувањето од себе, распнувањето на телото, трпењето на навредите, тагите. Гревовите се чистат со покајание, солзи, трпење во навредите во духот на кроткоста. Затоа, не ги избегнувај навредите, не се лишувај од венецот, немој да бегаш од исцелението на душата! Кој се оправдува и настојува да докаже дека е во право, тој можеби ќе истера правда, но со тоа само ќе ги осуети Божјите планови за исцеление на душата. Кој бара спокојство, во него нема да живее Светиот Дух. Каде што е тагата (неволјата), таму е и Бог.

Главната жртва за Бога е покајничкиот дух, срцето што се кае и е смирено Бог нема да го отфрли.

Смирението се здобива со тежок, сериозен труд, трпение во неволјите, болестите, навредите, сиромаштијата. Трпејќи ги тагите однадвор, во душата ќе имаш утеха од Божјиот Дух.

Покажувањето љубовта кон ближниот, служењето – тоа е повеќе од читањето на молитвеното правило и поклоните. Внимавај на помислите: тука е почетокот на гревот.

Секоја служба (служење) извршувај ја како послушание од Бога, без роптање.

Засакај ги молитвата, постот, молосрдието; тие го отвораат небото.

Никого не осудувај и нема да бидеш осуден. Судејќи им на ближните се бришеш самиот себе од книгата на животот и не ги гледаш своите гревови, бидејќи ѓаволот ги крие од тебе. Почесто подготвувај се за причест, читај ги Божјите зборови и духовните книги – во нив е изворот на живата вера. Имај раководител и љуби го откровението – тогаш ќе го најдеш Небесното Царство.

Св. схи-игумен Сава Псковско-Печерски