За можностите за практикување на умната молитва во светот
 
 
 
 
 

За можностите за практикување на умната молитва во светот (06.03.2014)

„Дали воопшто е можна умната молитва за човекот што живее во светот и во световните околности? Затоа што, таа активност повеќе му доликува на оној што живее во манастирот: во светот е невозможно таа да се практикува.“

На овој сомнеж треба да се одговори со Господовите зборови: „Она што за луѓето не е можно за Бог е возможно“.

Кога непрестајната молитва, или според зборовите на отец Јован (Кронштатски), „чувањето на умот“ би било невозможно во светот, Светиот Дух преку усните на апостолот не би ги повикал сите христијани и не би ги советувал: „Молете се непрестајно“.

И свети Симеон Нов Богослов вели дека „ниту светот, ни секојдневните обврски не му пречат на исполнувањето на Божјите заповеди, доколку се поседува ревност и внимание“. Затоа што Господ Бог не повикува на она што е невозможно. Според тоа, молитвата за нас е можна. Со оглед, пак, на тоа што ни ја предлага Божјиот Дух, таа е и неопходна. „Без непрестајната молитва, значи, невозможно е да Му се приближиме на Бога“, вели св. Исаак Сирин.

Неопходна е само желбата за спасение и добрата срдечност. „Умната активност“ на Кронштатскиот молитвеник целосно ја потврдува таа вистина. Среде самата прашума на светот, Господ Бог, Кого умно Го повикуваше, му беше Помошник и Покровител. Кога би било невозможно спасението со „умното дејствување“ среде светот, богопросветлените Отци не би ги повикувале и световните луѓе на таа молитва.

Епископот Игнатиј Брјачанинов вели дека „Исусовата молитва треба да ја практикуваат не само монасите, кои живеат во манастирот и имаат послушанија, туку и световните луѓе“.

Свети Василиј Велики на неписмените им заповедал молитвословијата да ги заменат со Исусовата молитва, што како правило го усвоила целата Источна Црква.

Свети Симеон, архиепископот Солунски, им заповеда и ги советува архиереите, свештениците, сите монаси и световни луѓе во секое време и час да ја кажуваат светата молитва.

Светлиот подвижник, преподобен Серафим Саровски слични упатства за молитвата им давал на сите кои доаѓале кај него – монасите и мирјаните: „За време на работата, дома и на пат, тивко повторувајте: ‘Господ Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот’“.

И многу други свети Отци им давале слични упатства и на монасите и на луѓето во светот. Затоа што, заповедта за бдеењето, т.е. за непрестајната молитва Господ не им ја дал само на блиските ученици, туку на сите кои веруваат во Него.

Многу од чувството за лажно смирение самите се сметаат за недостојни да ја практикуваат оваа молитва, велејќи дека таа повеќе им доликува на светите луѓе. Се разбира, тоа е неправилно и погрешно сфаќање.

Старец Јован Рижиски