Божјата волја сака човекот вечно да живее
 
 
 
 
 

Божјата волја сака човекот вечно да живее (11.03.2014)

Ние секогаш треба да сме цврсто уверени во тоа дека никако не можеме да го достигнеме совршенството благодарение на своите трудови и подвизи, дури и кога неуморно се трудиме во секоја добродетел. Човековите напори немаат доволна вредност и сила да нѐ издигнат на висината на светоста и блаженствата. Неопходно е Господ да содејствува и да го насочи нашето срце кон она што е полезно за нас.

 

Секој пат кога ќе почнеме да се колебаме, Тој ги подава Своите раце кон нас, нѐ придржува и утврдува. Спротивно, препуштени на нашите сили, совршено би паднале. Ниту еден праведник, всушност, нема доволно сили во себе да здобие праведност. Тој постојано се колеба и секој миг е готов да падне. Затоа, милостивиот Господ го поткрепува со Својата рака. Спротивно, поради слабата волја, буквално би загинал. Зарем некој ќе биде толку самоуверен и слеп да мисли дека нема потреба од непрестајната Божја помош, кога и Самиот Господ во Евангелието јасно поучува: „Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не е на лозата, така и вие, ако не бидете во Мене, не можете ништо да направите“.

 

Божјата волја секогаш сака човекот, од Бога создаден, да не загине, туку вечно да живее. Доколку во нашето срце забележи макар и искра на расположение кон доброто, Бог, според Својата благост, не допушта таа да згасне. Сакајќи сите да се спасат и да ја спознаат Вистината, Тој на сите начини помага таа да се претвори во пламен. Божјата благодат е блиску до сите. Таа сите, без исклучок, ги повикува на спасение и познание на Вистината, бидејќи вели: „Дојдете кај Мене сите изморени ии јас ќе ве одморам“.

 

Бог на различни и несфатливи начини го устројува нашето спасение: на оние што го сакаат и го бараат спасението, Тој им ја засилува желбата, а кај оние кои немаат желба, Тој ја предизвикува. Тој помага во исполнувањето на нашите спасоносни желби, ги вдахновува и ги утврдува. Заради тоа и ние во своите молитви Го повикуваме Заштитникот, Спасителот и Помошникот. Тој, слично на најнежниот Отец и сострадалниот Лекар, придонесува за сѐ во сите: во едни поттикнува почеток на спасението и ја разгорува срдечноста кон Него, а кај други го приведува делото до крајот, и добродетелите кон совршенството; едните ги спасува од падот, а на другите им дава можност за спасение; на оние кои сакаат и се трудат, им помага, а другите, кои не сакаат и се спротивставуваат, ги привлекува и ги насочува кон доброто расположение. Тој секогаш сѐ прави со поттикнување, помагање и утврдување, но без нарушување на слободата која ни ја дал.

 

Преподобен Јован Касијан