Бог скриено му дава живот на срцето (14.03.2014)
Човекот, во надеж дека ќе се просветлат очите на неговото срце, се посветува на оддалеченоста од световните дела, го поминува времето во молитви, очекувајќи да дојде Господ, да му се јави и да го очисти од гревовите кои живеат во него.
Тој, меѓутоа, не се потпира на својот труд и на начинот на живот дедека не го добие она на што се надева, додека не дојде Господ и не почне да живее во него, преку Светиот Дух. Кога, пак, ќе ја вкуси Господовата благодат и кога ќе се наслади со духовните плодови, ќе ја снема темнината и Христовата Светлина ќе заблеска во неискажливата радост. Тогаш ќе се убеди во големата љубов, имајќи Го Господ со себе. Тој ќе се радува како трговецот што спечалил, но истовремено ќе биде во покајание и страв од кражбата која може да му ја направат разбојниците и нечистите духови, да не се случи да ослабне и некако да го изгуби трудот, додека не биде удостоен да влезе во Небесното Царство, во горниот Ерусалим.
Затоа и ние ќе Му се молиме на Бога да го соблече од нас стариот човек и уште сега да нѐ облече во небесниот Христос; на тој начин радосно, и раководени од Него, ќе живееме во голем мир. Сакајќи потполно да го вкусиме Царството, Господ вели: „Без Мене не можете ништо да направите“.
Тој многу просветлил и преку апостолите. Бидејќи и самите биле Божји созданија, сличните на себе ги воспитувале, секој да стане нивни брат и Христов син, за да им бидат просветлени срцето и умот преку насочените помисли кон Бога. На тој начин, Бог скриено му дава живот на срцето, давајќи му се Самиот. Имено, кога човекот, умот и помислите ќе Му ги предаде на Бога, оставајќи сѐ останато, тогаш Господ ќе го удостои во светост и многу поголема чистота да им пристапува на Светите Тајни, давајќи му се Самиот како небесна храна и духовно питие.
И затоа, ако и ние сакаме да бидеме родени од небесниот Отец, тогаш пред сѐ сме должни да покажеме срдечност пред другите луѓе, потоа труд, ревност, љубов и добар начин на живот, должни сме да живееме во вера и страв, како оние што сакаат да здобијат големи богатства и да станат Божји наследници. „Господ е мој дел од наследството“. Гледајќи ги добрата волја и трпението, и Господ ќе ја покаже Својата милост, чистејќи нѐ со небесни зборови и оживотворувајќи ги нашите пропадливи мисли со прекрасните житија и учења на апостолите.
Свети Макариј Велики