Секојдневното собеседење со Бога преку молитвата
 
 
 
 
 

Секојдневното собеседење со Бога преку молитвата (15. 03.2014)

Размислувајќи и расудувајќи за мноштвото големи Божји дарови, како и за тоа дека никој не поседува ништо со што би можел достојно да Му возврати, Давид вели: „Со што ќе Му возвратам на Господ за сѐ што ми дал?“

Ако за Божјите добри дарови немаме со што да возвратиме освен повторно Му се обратиме, со што тогаш ќе надокнадиме кога ќе згрешиме кон Него? Ние, се разбира, немаме ништо. Ако и направиме нешто добро, што сме биле должни да го направиме и пред грешењето, не ни преостанува ништо што би било доволно за враќање на долгот. Така, за исцеление на гревовите, кои се во нас, не ни останува ништо друго освен да ја прославуваме Неговата неспоредлива долготрпеливост и да молиме за Неговото Божјо милосрдие.

Не молејќи Му се при секое дело и немајќи го Неговото содејство, ние му даваме пристап на лукавиот. Неговиот пристап не само што го сквернави нашето однесување, туку, исто така, го доведува до лош крај. Ако пред секое дело ја направиме силна душата преку славословењето на Бога и молитвите, во нас нема да има место за противникот. Заедно со него ќе биде избркана и целта глутница на злото, која го опкружува, и своите души ќе ги украсиме со ред, целомудрие, праведност, кроткост и смирение, и меѓусебно поврзани со љубовта, ќе живееме мирен живот, имајќи го со себе и непрестајното беседење со Него, Христос, Царот на мирот.

Затоа секое утро, пред секое дело, Божјата Црква нѐ привлекува кон себе со звукот на светите комбани, бидејќи секојдневното собеседење со Бога преку молитвата и псалмопеењата ги смирува и менува сите напади (од страстите), ги смирува телесните нагони, ја ослабува наклонетоста кон користољубието, ја отстранува вообразеноста, ја оддалечува зависта, го зауздува гневот, го искоренува злопамтењето, ја отстранува секоја кавга меѓу луѓето, секогаш донесувајќи мир, законитост и благосостојба во градовите и домовите, душите и телата, кај оние што се во брак и оние што го избрале монаштвото, и воопшто, тоа е основа и крепење на сите добра кои оддалечуваат и спасуваат од секое зло и секоја тешкотија.

Свети Григориј Палама