Крсните страдања на Господ Исус Христос
 
 
 
 
 

Крсните страдања на Господ Исус Христос (14.04.2014)

Под Крстот беснееле. Господ пред Себе видел безобразни (осакатени) лица од омраза и потсмев. Луѓето викале: „Ако си Божји Син слези од крстот“. Господ ја отворил Својата пречиста уста и ги изговорил првите зборови од Крстот. Кои биле тие зборови? „Отец, прости им; не знаат што прават“. Браќа и сестри! Ова се Неговите први зборови од Крстот, ова е вечниот завет за нас – искрена молитва за непријателите.

Господовите страдања на Крстот станувале сѐ поголеми. Жртвите приковани на крст трпат страшни болки, од раните и болките им гори целото тело, па мислат дека дека нивното срце е прободено со илјадници игли. Сето тело како да се кине на парчиња. Но, Господовите страдања биле поинакви, пострашни, затоа што биле невидливи, тајни. Оној адски оган со кој сатаната сакал засекогаш да го проголта целиот човечки род, оние страшни страдања кои сатаната ги подготвил за човештвото, Господ, од љубов кон човекот ги претрпел на Крстот. Пречистата душа на Исус била изложена на пеколен оган заради спасение на човекот. Грешникот во пеколот чувствува дека Бог го оставил. И таа богооставеност, која е потполно несфатлива за живите, а која ја чувствуваат грешниците во пеколот, таа, како што велат светите Отци, е посташна од сите останати маки. А заради нас и нашето спасение Христос го искусил тоа. Затоа Тој на Крстот извикал: „Боже Мој! Боже Мој! Зошто ме остави?“

Но, еве – „се сврши“ – рече Господ. Што? Спасението на човековиот род. Ѓаволот, древната змија од бездната, кој со своите окови ја зароби сета земја, ја подигна главата за на мегдан да го предизвика Небото. Но, слезе „Лавот од Јудиното колено“, Давидовиот наследник според човековата природа, Божјиот Син – Христос. Овој Лав ја скина главата на пеколната змија, го згази пеколот, тоа дувло на невидливите змии и скорпии. И со Својот Крст, како со меч го прободе пеколот во неговото срце.

Значи, се исполни спасението на човековиот род. До Христос и праведниците после смртта слегувале во пеколот, а после Него и грешниците кои се каат стануваат наследници на рајот.

Архимандрит Рафаил Карелин