Крстот го симболизира Царството
 
 
 
 
 

Крстот го симболизира Царството (16.04.2014)

Крстот е доказ дека Христос е единствениот вистински Цар. Разбојникот кој бил распнат десно од Него богослови од таа висина: „Крстот го симболизира Царството. Христос Го нарекувам Цар токму поради тоа што Го гледам распнат. Затоа што му доликува на царот да умре за потчинетите. Христос рече: ‘Добриот пастир го дава својот живот за овците’. Според тоа и добриот цар го жртвува својот живот за потчинетите. А бидејќи Тој го дал Својот живот, Го нарекувам Цар: ‘Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во своето Царство’“ (св. Јован Златоуст).

Пред Христос да биде распнат, „крстот беше знак на осуда, но сега му се укажува чест. Пред тоа бил симбол на смртната пресуда, а сега е темел на нашето спасение“. Преку Крстот го пронајдовме патот до Царството: „Благодарејќи на Крстот веќе не лутаме по пустините затоа што го најдовме патот на Вистината. Веќе не сме пред царската палата зашто ги најдовме дверите“. Божјото Царство ни е подарено преку Крстот. Тој „ни го отвори рајот кој беше затворен... Бидејќи Христос му рече на разбојникот: ‘Уште денес ќе бидеш со Мене во рајот’“ (св. Јован Златоуст).

Христос е Царот на Царството кое доаѓаше и доаѓа. Дојде благодарение на Крстот, а доаѓа после него. Бидејќи кога ќе дојде крајот, „тогаш ќе се покаже знакот на Синот Човечки на небото“, односно Крстот. Кога конечно ќе се изгаси светлината на овој свет, тогаш знакот на Крстот ќе засветли како сонце. И како што „војниците пред влегувањето на царот во некој град ги подигнуваат знамињата и го најавуваат неговото доаѓање“, така ќе биде и за Неговото повторно доаѓање: „Кога Господ ќе слезе од небото, пред Него ќе оди војска од ангели и архангели кои носејќи Крст и ќе ни го најават Неговото царско доаѓање“ (св. Јован Златоуст).

Христовиот Крст е пат, порта и пројава на Божјото Царство.

Јеромонах Григориј Светогорец