За страдањата на Спасителот (18.04.2014)
Пријдете, вие кои Христос многу ги сака и љуби, вие кои сте ги добиле покајанието и љубовта на Спасителот, пријдете за да слушнете што се случило на денешен ден во Сион, Давидовиот град, што направило љубеното и избрано Аврамово семе. Тоа на денешен ден Го предало на смрт пречистиот Господ, нашиот Спасител; од рацете на беззакониците неправедно е распнат на Крст. Да пријдеме сите, и со воздишки да го облееме своето тело со солзи бидејќи нашиот Господ, Царот на славата, е предаден на смрт заради нас безбожните. Кога некој ненадејно ќе чуе за смртта на саканиот роднина, или исто така, кога пред своите очи ќе го види саканиот како лежи мртов, зарем нема да го смени изразот на лицето, зар нема да згасне светлината на неговиот поглед? Така и јасното сонце, штом од небесните висини здогледало како Го исмеваат Господ на Крстот, го сменило изразот на лицето и ги прекинало своите зраци: не можело и понатаму да гледа како Го исмеваат Господ, па се облекло во тага и темнина. Исто така, и Светиот Дух, Кој е во Отецот, кога Го виде љубениот Син на Крстот, ја раскина завесата, тој украс на храмот, од горе до долу, и веднаш се оддалечи во облик на гулаб. Сите созданија биле во страв и треперење кога страдал Спасителот, небесниот Цар. А ние, грешните, заради кои е предаден единствениот Бесмртен, сѐ уште сме невнимателни. Секој ден се смееме кога ќе чуеме за страдањата на Спасителот и исмевањето кое го поднел. Секој ден уживаме, и целата своја грижа ја вложуваме во украсувањето на своите облеки. Кога видело дека Го исмеваат Господ, сонцето целата своја светлина ја претворило во темнина, за и ние, гледајќи го тоа, да го имаме како пример. Поради тебе Го исмевале Господ на Крстот, а ти, бедниот, не престануваш да се украсуваш. И не трепери твоето срце, не ја фаќа ужас твојата мисла, кога ќе чуе за тоа. Заради тебе безбожниот единствениот Безгрешен е предаден на смрт, исмевања, посрамување, а ти слушаш за сето тоа без да ги собереш мислите.
Целокупното разумно стадо треба непрестајно да гледа во својот Пастир, и секогаш да Го сака и почитува, бидејќи Тој, бестрасен и пречист, пострада за Своето стадо. На Создателот треба да Му се угодува со подвизи и сѐ чисто, а не со фалења со распадливите фустани, животот во изобилие, световните трпези. Да не ни бидат пример Јудејците; тоа е немилосрден и непослушен народ, кој секогаш ги отфрлал Божјите дарови и Неговите добри дела. Бог, заради Авраам и Својот договор склучен со него, од самиот почеток го трпел тој чуден народ; за храна му дал мана од небото, но тие, недостојни, сакале храна која смрди – бел лук. Во пустината им дал вода од камен, но тие за ова, Го распнале на Крст и му дале оцет. Да приложиме труд, браќа, за да не бидеме соучесници со Јудејците, кои Го распнале Господ, својот Создател. Да пристапиме со страв, и секогаш пред своите очи да ги имаме страдањата на Спасителот. Секогаш да размислуваме за Неговите страдања, затоа што заради нас пострадал бестрасниот Господ, поради нас е распнат единствениот Безгрешен. Со што ќе му возвратиме за ова? Да внимаваме на себе, и да не ги презираме Неговите страдања. Пристапете сите деца на Црквата, кои сте собрани преку чесната и света крв на пречистиот Господ. Пристапете – ќе се предадеме на мислите за страдањата, со солзи и воздишки, и своите мисли ќе ги преисполниме со длабока почит, со треперење, и самите себеси ќе си велиме: „Заради нас, грешните, Христос нашиот Спасител е предаден на смрт“.
Сфатете што значи ова што го чувте. Безгрешниот Бог, Синот, е предаден заради тебе. Отвори го своето срце, прецизно спознај ги Неговите страдања, и речи си во себе: „Безгрешниот Бог на денешен ден е предаден, на денешен ден е исмејан, на денешен ден е удиран по образите, на денешен ден трпел камшикување, носел венец од трње, на денешен ден е распнато небесното Јагне“. Нека затрепери твоето срце, нека ја фати ужас твојата душа. Секој ден леј солзи додека вака размислуваш за Господовите страдања. Тие солзи ќе станат слатки, а душата која непрестајно размислува за Христовите страдања ќе стане посветла. Секогаш така размислувај и плачи секој ден, и благодари Му на Господ за страдањата кои ги претрпел заради тебе, за во денот на Неговото второ доаѓање твоите солзи да се претворат во пофалба и прослава пред судот. И ти поднеси го злото, и притоа размислувај за страдањата на благиот Господ. Поднесувај ги искушенијата и благодари од срце. Блажен е човекот кој пред очите Го има небесниот Господ и Неговите страдања, кој се распнал себеси за сите страси и сѐ земно, и Го има за пример својот Господ. Ете благоразумност, ете ја добра волја на благољубивиот слуга кога секогаш во добрите дела како пример Го има Господ. Го гледаш, човеку, пречистиот Господ, Кој виси на Крстот, и се осмелуваш, бесрамнику, во задоволства и смеење да го поминеш сето време од животот на земјата! Или не знаеш, несреќнику, дека распнатиот Господ ќе бара одговор за целата оваа твоја невнимателност, поради која ти, и кога ќе го чуеш тоа, ништо не превземаш, се смееш и уживаш, и го поминуваш времето во разни забави? Ќе дојде оној страшен ден кога нема да престанеш да плачеш и викаш заради оганот и маките кои ќе ги трпиш, и никој нема да ти даде одговор, никој нема да се сожали над твојата душа.
Се поклонувам пред Тебе, Господи, Те благословувам, Благи, Те молам, Свети, паѓам пред Тебе, Човекољупче, и Те прославувам, Христе, бидејќи Ти си, Еднороден, Господ на сите, единствен Безгрешен, заради мене недостојниот грешник, предаден на смрт, и тоа смрт на Крст, за да ја ослободиш душата на грешникот. И со што ќе ти вратам за ова Господи? Слава Ти, Човекољупче! Слава Ти, милосрден, долготрпелив, Кој ги простуваш сите гревови! Слава Ти, Кој слезе за да ги спасиш нашите души! Слава Ти, Кој се воплоти во утробата на Дева! Слава Ти, Кој ги поднесе оковите!
Преподобен Ефрем Сирин
(Дел од беседата која според Типикот се чита на Велик четврток, после читањето на седмото евангелие)