Воскресно слово (23.04.2014)
Побожниот и богољубивиот нека се насладува со ова прекрасно и светло прославување. Секој благоразумен слуга, радувајќи се, нека влезе во радоста на својот Господ. Ако се намачил постејќи, сега нека прими плата. Тој што работел од првиот час, денес нека прими праведна награда. Тој што дошол после третиот час, нека празнува со благодарност. Тој што стигнал после шестиот, воопшто нека не се сомнева, затоа што со ништо нема да биде оштетен. Тој што пристапил во деветтиот, нека пристапи без ни малку колебање. Тој што стигнал дури во единаесеттиот час, нека не се плаши за доцнењето: затоа што овој прекрасен Господар последниот го прима како прв, му дава одмор на оној што пристигнал во единаесеттиот час, како и на оној што работел уште од првиот. И последниот го милува и првиот го опслужува; и на оној и на овој им дава; и делата ги прима, и намерите ги целива; и трудот го цени, и приносот го фали. Затоа, значи, сите влезете во радоста на својот Господ; и првиот и вториот, примете плата, богатиот и сиромашниот, едни со други ликувајте; воздржливите и мрзливите, почитувајте го денот; вие кои сте постеле и вие кои не сте постеле, денес веселете се! Трпезата е преполна, богато насладувајте се сите! Телето е згоено; никој да не излезе гладен; сите уживајте во богатството на добрината! Никој нека не ја оплакува сиримаштијата, бидејќи ни се јави Царството. Никој нека не тагува поради гревовите, зашто простувањето засветли од гробот. Никој нека не се плаши од смртта, затоа што нѐ ослободи смртта на Спасителот: ја изгаси Оној Кого таа го држеше, го заплени адот Оној Кој слезе во него, пеколот се огорчи вкусувајќи го Неговото тело. Предвидувајќи го тоа, Исаија воскликна: Пеколот се огорчи кога Те сретна долу! Се огорчи, бидејќи опусте; се огорчи, бидејќи беше исмејан; огорчи, бидејќи умре; огорчи, затоа што беше срушен, огорчи, зашто беше окован; го прими Христовото тело, а наиде на Бога; прими земја, а сретна небо; го прими она што го виде, а падна во она што не го виде. Смрт, каде ти е осилото? Пеколу, каде ти е победата? Христос воскресна, и адот се струполи! Христос воскресна, и паднаа демоните. Христос воскресна, и се израдуваа ангелите. Христос воскресна, и оживеа смртта, нема ниту еден мртов во гробовите. Затоа што Христос, станувајќи од мртвите, ги ослободи упокоените. Нему слава и власт, вечно. Амин!
Свети Јован Златоуст, архиепископ Константинополски