Ја видовме вистинската Светлина (26.04.2014)
Станавме, благодарение на благодатта, многубројни сонца кои го следат единственото Сонце. Бидејќи Христос, „сѐ опфати со силата на Својата Светлина, на достојните им подари непрекината и непрестајна Светлина и ги објави како сонца“ (св. Григориј Палама).
Откривајќи го своите опити од целиот свој свет живот, св. Григориј Палама зборува за тоа како човекот влегува во просторите на вистинската Светлина: Христос, не само што ја соедини Својата Божествена испостас со човековата природа, туку непрестајно „се соединува со човековите ипостаси кога се меша Самиот Себе со секој верник кој се причестува со Неговото свето Тело. Така заедно со нас станува едно тело и нѐ преобразува во храм на целата Божја полнота, затоа што во Христовото Тело „живее сета Божествена полнота“. Како тогаш да не ги осветли со Божјата Светлина на Своето Тело – кое е во нас – душите на оние кои достојно се причестуваат, како што некогаш ги осветли телата на Своите ученици на Тавор“.
Христовата Светлина го просветлува целиот човек и го води кон созерцување на Божјите тајни: „Присуството на Божјата Светлина, бидејќи таа е едноставна и единствена, ги собира причесните души и ги обраќа во неа... Силите на нивниот умствен вид ги води во скриените длабочини на Божетсвото и им дава способност за созерцување и познание на големите тајни“ (преп. Никита Ститат).
Светлината на светот – Христос – ја протерува сета темнина на овој век. Го отвора небото и нѐ води во новиот век. Овде верните се сретнуваат со Светлината, која е „убавина на идното, беспочетно и вечно Божјо Царство“ (св. Григориј Палама). А таму, во Царството, „нема да има ноќ, и не ќе има потреба од светило, ниту од сончева светлина“.
јеромонах Григориј Светогорец