Покорност и послушност
 
 
 
 
 

Покорност и послушност (03.05.2014)

Како што знаете, со падот на совесните созданија, и ангелите и луѓето, дојде до бунт. Кога Христос дојде да го врати во рамнотежа она што падна, Тој не устрои, ниту се обиде, ниту одлучи дека тоа враќање ќе се случи на кој било друг начин, освен преку послушанието. Бидејќи, да избереше кој било друг начин, ќе изгледаше дека направил грешка при создавањето. Но Бог откако направи сѐ „виде дека е добро“. Во една од своите беседи св. Неофит Затворник ги токлува зборовите „виде дека е добро“ на овој начин: „И како е можно за Тебе, Господи, Боже наш, да создадеш нешто што не е добро. Ти си центарот на сета добрина. Ти си најголемото Добро, па зарем би било можно Ти да направиш грешка и да создадеш нешто што не е добро како Тебе“.

Значи, она што Бог го создал „добро“, не може да биде сменето од страна на ѓаволот, луѓето или некој друг фактор. Кога Христос дошол, имал сила, како Господар на сѐ, да го смени дури и законот на созданието, „бидејќи заповеда и сѐ се создаде“. Тој е Творецот. Но сепак, за да ја докаже Својата Божја величенственост, навести дека треба да дојде до враќање таму каде што дојде до пад. Беше принуден да ја земе нашата природа, да ја покаже несебичноста која е незамислива за словесните битија и да нѐ убеди, во практика, дека нашето обновување може да успее само на таков начин.

Фатен си во замката на очајот, обесхрабрен си, совеста ти пречи и не те остава на мир, телесно си охрабрен да го напуштиш своето правило, и духовно да заборавиш на Бога. Ова ќе го затресе целиот твој свет, телото и душата. Но, ако си внимателен, сѐ што те измачува, за сѐ што те притиска ќе му кажеш на својот Старец. Тогаш заштитен од благодатта на послушанието и подреденоста, нема да бидеш фатен во разните замки кои лукавиот ги подметнува. Таму каде што ѓаволот не може да стапне, сѐ е нормално и мирно, затоа што таму христијаните имаат мир во Исус: „Мирот ви го оставам, Својот мир ви го давам“ и „Еве Јас сум со вас до крајот на светот“. Тоа се факти, тоа не се само зборови.

Ако сме во границите на послушанието и должностите, уживаме во присуството на Исусовата благодат и стануваме мирни. Сето ова нѐ учи како да се бориме. Кога тоа го знаеме, проблемот е решен. Никој не може ништо да ни направи, затоа што продолживме по нашиот избран пат, паметно и мудро. Едноставно кажано, тие немаат право „бидејќи поголем е Оној Кој е во вас отколку оној во светот“.

Старец Јосиф Ватопедски