Како да го сочуваме нашето срце чисто?
 
 
 
 
 

Како да го сочуваме нашето срце чисто? (10.05.2014)

Изучувај го Светото Писмо и размислувај за идните богатства, и за смртта, бидејќи тоа му помага на човекот во духовниот напредок. Секогаш размислувај за Бога и бори се за да ги искорениш страстите затоа што тие ѝ пакостат на душата. Избегнувај ги лошите и одвратни желби кои го валкаат срцето и не му дозволуваат да Го види Бога.

Испитувај и постојано контролирај се, внимавај на своите грешки и гревови и обиди се да ги поправиш.

Моли Го Бога да ти го даде Своето просветлување и да те посети духовната радост која како мед ќе ја заслади твојата душа. Не се плаши од тагите и неволјите кои ги допушта Бог, зашто тие ја обработуваат твојата душа. Без тешкотиите човекот не напредува, бидејќи без нив неговиот живот е како застоена вода која е полна со микроби и нечистотии.

Своето срце чувај го чисто од телесните нечистотии. Ѓаволот многу ќе направи за да ја разурне таа твоја тврдина. Но внимавај! Барај ја Божјата помош и со смирение бори се против сатаната кој е како лав кој сака да те проголта. Бог го сака твоето срце целосно чисто, а не само еден дел од него. Ниту еден негов дел да не му препуштиме на лукавиот кој ја сака нашата погибел.

Сконцентрирај го својот ум на Бога и не го оставај слободно да лута таму-ваму. Кога внимаваш на својот ум, ќе го сочуваш и срцето чисто, бидејќи од умот мислите и желбите доаѓаат во срцето. Господ ги нарекува блажени оние што имаат чисто срце, зашто тие ќе Го видат Бога. Меѓутоа, тоа не е лесно. Потребни се голема борба и будност, затоа што лукавиот го чека моментот кога ќе нѐ фати неподготвени за да влезе во нашето срце и да го извалка.

Во срцето извалкано од од грев Бог не доаѓа. Не треба да очекуваме духовен напредок ако не го направиме своето срце достоен сад, односно ако тоа не стане чисто живеалиште на Светиот Дух. Кога Христос ќе се зацари, во нашето срце ќе дојде мирот. Тоа е мирот што само Тој го подарува и кој никој не може да ни го одземе.

Како што стражарите го чуваат градот деноноќно, така и ние треба да го чуваме своето срце. Ако не внимаваме на него, тоа ќе се наполни со лоши помисли, лукавство и секакво зло. Ако се бориме, во нас нема да се вкорени злото кое нанесува многу штета.

Со непријателот не треба да се разговара бидејќи е подмолен и лукав. Треба да го прогониш колкупати и да напаѓа, затоа што нема да престане неговата валкана и безбожна борба, до крајот на нашиот живот. Но, и ние треба да сме будни и од Бога просветлени за да можеме да ги избегнуваме замките кои ни ги поставува.

Не заборавај, за срцето да остане чисто, потребени се труд, болка и многу духовна пот.

Меѓутоа, секогаш барајќи духовна помош, бори се целиот свој живот со сите сили и тогаш во тебе ќе дојде Христос, Кој ќе ти ги подари вечната радост и среќа.

Преподобен Исаак Сирин