За духовниот мир во срцето
 
 
 
 
 

За духовниот мир во срцето (12.05.2014)

Твоето срце Бог го создал за единствено Него да Го љуби и Нему да Му служи како храм. Затоа и бара од тебе да Му го предадеш: „Сине мој, дај ми го твоето срце“. А бидејќи Бог е мирот што го надминува секој ум, неопходно е во срцето кое сака да Го прими да преовладува мир. „Само во мирот е неговото живеалиште“, пее царот Давид. Затоа повеќе од сѐ труди се да воспоставиш мирно расположение во срцето и сите твои дела и подвизи нека бидат насочени кон здобивањето на тој мир, како што рекол големиот Ава Арсениј: „Насочи го своето внимание на тоа внатрешното расположение да ти биде налик на Божјото и ќе ги победиш надворешните страсти“.

Мирот во срцето го нарушуваат страстите. Не пуштај ги страстите до срцето и тоа секогаш ќе биде мирно. Оној што се бори за спасение стои наоружан на портите на срцето и го одбива сето она што се обидува да влезе во него и да го вознемири. Кога страсната вознемиреност ќе се искраде до срцето, не насочувај се на борбата со страста, туку брзо повлечи се во срцето и труди се да го смириш. Штом тоа ќе се смири, борбата е завршена.

Човековиот живот е непрестајна борба и постојано искушување. Затоа Јов рекол: „Зарем човекот на земјата не е во војска“. Искушението предизвикува борба и ете ја војната. Поради тоа мораш секогаш да бидеш буден и да внимаваш срцето по секоја цена да ти биде мирно и спокојно. Кога во душата ќе ти се појави вознемиреност, веднаш стиши ја за под нејзино влијание да не скршнеш од патот. Штом ќе се вознемири срцето, во целото наше битие настанува хаос, па умот го губи правилното расудување. Затоа е неопходно да се смири срцето веднаш штом нешто надворешно или внатрешно, било на молитва или во кое било друго време, ќе го вознемири.

Треба да знаеш дека само тогаш ќе можеш правилно да се молиш, кога ќе научиш да го чуваш својот внатрешен мир. Затоа труди се тоа да го постигнеш и секое свое дело извршувај го во срдечен мир, со задоволство и радост. Чувањето на срцето треба да биде непрестаен подвиг, целиот твој живот, и никако не смееш да дозволиш што било грешно да го вознемири. Сите твои дела нека бидат во знакот на тој мир и кроткост, како што е напишано: „Сине, извршувај ги своите дела во кроткост“, за да бидеш удостоен со ветувањето на Спасителот: „Блажени се кротките, бидејќи тие ќе ја наследат земјата“.

Свети Никодим Агиорит