„Од човекот зависи дали Духот нешто ќе направи“
 
 
 
 
 

„Од човекот зависи дали Духот нешто ќе направи“ (17.05.2014)

Гревот толку длабоко е навлезен во целото човечко битие така што може да се бори со него, да го направи слабо и да го спречува да се исполнува во делата, а на човекот не му е дадено и тој не може да го искорени со сопствените сили: ова може да го направи само Божјата сила (преп. Ефрем Сирин). Овде е потребна Божјата помош; на човекот му е потребна благодатта на Светиот Дух, која ни се дава поради помошта од Божјиот Син, која човекот е „обврзан да ја повикува“ за таа да има успех. Комуникацијата со Бога зависи од нас. Брзо и на вистински начин, вели преп. Макариј Велики, треба да Му се обратиме барајќи ја неговата помош, а Тој е подготвен да нѐ спаси, затоа што го очекува огненото, според нашите сили, тежнеење на нашата волја кон Него. Иако душата е осакатена од раните на срамните страсти, иако е заслепена од гревовната темнина, сепак, има волја да повика кон Христос и да Го повика Тој да дојде и вечно да ја спаси душата.

Божјата благодат му помага на човекот тогаш кога Господ ја гледа неговата „добра волја“, и „добра желба“, кога човековата душа објавува вистинска решителност: и кога што и да ѝ биде сторено, и кога меѓу илјада искушенија, трпејќи сѐ, вели: и ако треба да умрам нема да Го оставам за да му угодам на гревот и непријателот (св. Макариј Велики). Оваа решителност ќе се изрази така што човекот ќе го осуди својот престап во страстите и пороците, така што ќе ги намрази и ќе постави цврст темел со својот непријателски однос кон гревот. Според зборовите на св. Теофан, можноста, основата, условот за сите внатрешни победи е пред сѐ победата над себеси – во кршење на волјата и себепредавањето на Бога со непријателско отфрлање на сѐ гревовно. Тука се раѓа нељубовта, омразата и непријателството кон гревот кои и се војна со духовните сили и кои ја заменуваат сета војска. Каде што нив ги нема, таму без борба победата е веќе во рацете на непријателот; спротивно на тоа, каде што тие постојат, таму често победуваме и без борба. Оттаму се гледа дека појдовна точка за нашиот позитивен подвиг е нашето внатрешно расположение. Значи, насочувањето на сопствената волја кон доброто и омразата кон гревовните страсти, кон своите пороци, кон своите поводи за нив претставува еден од основните услови за успех во борбата со страстите (св. Теофан Затворник). Господ, вели преп. Макариј Велики, гледајќи ја таквата желба и добра намера кај човекот, му ја покажува Својата милост, го спасува од непријателите и од гревот што живее во него исполнувајќи го со Светиот Дух.

Значи, победата над страстите мора да се остварува преку следниве два услова: од страна на човекот – преку неговата слободна волја (која се изразува во подвигот); од страна на Бога – во исполнувањето на човекот со благодатта на Светиот Дух. Тука многу важен услов е човековата волја. Ако ја нема и Самиот Бог нема ништо да направи, иако тоа го може. Затоа од човекот зависи дали Духот нешто ќе направи (преп. Исаак Сирин). И добрата желба на самиот човек веќе служи како точка за привлекување на дејството на благодатта како внатрешна сила и во таа желба како да се открива местото за спојување на двете сили – волјата и благодатта.

Свети Николај Алма-Атински и Казакстански (†1955)

(во 2000 г., на јубилејниот Архиерејски Собор на РПЦ, овој современ Старец, исповедник на Христовата вера, чудотворец и молитвеник е приведен во ликот на светиите)