Провери дали твојата душа ја пронашла Светлината (21.05.2014)
Ако во душата го нема Небесниот Дух во неискажливата Светлина, односно, ако во неа не е втиснат Христос, тогаш е бескорисна за небесната ризница и ќе ја отфрлат трговците на Царството – светите апостоли. Таков бил и оној што бил повикан, но не ја носел свадбената облека, па како туѓ бил исфрлен во темнината, затоа што во себе го немал Небесниот Лик. Станува збор за Господовиот знак во душата, а тоа е Духот на неискажливата Светлина. И како што мртвиот е непотребен и не им е од полза на живите, па затоа се изнесува и се положува надвор од градот, така и душата која во себе го нема Небесниот Лик на Божјата Светлина, односно животот за душата, станува безвредна и потполно отфрлена, бидејќи за градот на светиите е бескорисната душа која е мртва и го нема во себе светлиот Божји Дух. Како што во овој свет душата е живот за телото, така и во небесниот свет – живот за душата е Божјиот Дух.
Поради тоа, оној што тежнее да поверува и да Му пристапи на Господ, треба да се моли уште тука да Го прими Божјот Дух, зашто Тој е живот за душата. Господ затоа и дошол, за уште овде на душата да ѝ Го даде животот – Светот Дух, бидејќи е речено: „Доколку ја имате Светлината, верувајте во неа; доаѓа ноќта кога никој не ќе може да работи“. Освен тоа, ако некој овде не го барал и примил животот за душата, односно Божјата Светлина на Духот, тој за време на излегувањето од телото ќе биде поставен на левата страна, во темнината, тој нема да влезе во Небесното Царство, туку ќе заврши во геената, со ѓаволот и неговите ангели.
Кога Господ ќе види дека душата, според своите сили, деноноќно Го бара Него и плачејќи по Него, според заповедта, непрестајно се моли за сите, Тој тогаш ќе го „одбрани“, како што ветил, чистејќи го од пороците кои ги има во себе и Самиот ќе му се претстави како непорочна и чиста невеста. Ако веруваш дака ова е вистина, како што и навистина е, тогаш внимавај на себе; провери дали твојата душа ја пронашла Светлината која ќе ја раководи по патот, дали ги нашла вистинската храна и вистинското питие, односно Господ? Ако не го направила тоа, тогаш деноноќно моли (твојата душа) да го добие тоа. Според тоа, кога ќе го видиш сонцето, барај Го вистинското Сонце, бидејќи сѐ уште си слеп. Кога ќе ја видиш светлината, загледај се и во својата душа: дали си ја здобил Вистината и благата Светлина? Сѐ видливо е сенка на невидливиот во душата; освен видливиот човек, постои и друг, внатрешен; постојат други очи, кои ги ослепил сатаната, како и други уши, кои тој ги оглувел. Меѓутоа, Исус ќе дојде да го исцели внатрешниот човек. Нему слава и сила со Отецот и Светиот Дух, вечно! Амин.
Свети Макариј Велики