Господовото Вознесение (29.05.2014)
Господовото Вознесение на небото е најтесно поврзано со нашето спасение, со личното спасение на секој од нас. При разделбата со Господ, за време на Неговото Вознесение, ја гледаме Божјата љубов, која се содржи во нашиот повик. Како што поучува апостолот Павле, барај го она што е горе, каде Христос седи од десната страна на Бога. Размислувајте за она што е горе, а не за она што е земно (Кол. 3, 12).
Господ ни е помошник во остварувањето на тој повик. Иако со телото замина од овој свет, Тој не престанува да се грижи за Својата Црква. Тој им вети на апостолите: „Јас сум со вас до крајот на светот (Мат. 28, 20).
Мои пријатели, нашите Големи празници не се само потсетување на овој или на оној евангелски настан или случка од црковната историја. Тие се светилки кои ни го покажуваат патот кон вечниот живот, патот за усовршување на нашите души.
Господ направил сѐ за нашето спасение. Со Своето Вознесение на небото, Божјиот Син ни го отворил патот до небесната заедница. Меѓутоа, само од нас зависи дали сакаме да одиме по покажаниот пат или ќе застанеме на истиот.
Ние веруваме дека токму на тој ден, на Господовото Вознесение, човекот добил можност постојано да биде со Бог. Патот ни го покажал Самиот Спасител. Патот, преку кој ние можеме да ја достигнеме висината на светата слава е оној истиот преку кој Господ влегол во славата, т.е. патот на крстот, патот на очистувањето, самоодрекувањето, на надворешните и внатрешните страдања. Да се преиспитаме, драги мои, дали одиме кон небото по Христовиот пат?
Тешејќи ги Своите апостоли, Спасителот ветил дека ќе им Го прати Светиот Дух, Кој ќе ги поучува во Негово отсуство. Како што знаеме, Светиот Дух на денот Педесетница слегол на апостолите. И не само на нив, туку и на сите верни. Од тогаш, Тој непрестајно живее и ќе живее до крајот на светот во Христовата Црква, подготвувајќи ги луѓето за заедницата на Небесниот Отец. Радувајќи се на она што Господ го направил, да изведеме поука. Да го вознесеме својот дух кон небото, кон Господ. Во своето духовно усовршување, да застанеме над страстите и пороците и да се вознесеме на висината на добродетелите и чистотата. Нека не нѐ плаши стрмниот и трновит пат кон Небесната Татковина. Тој пат не е нов! Него го изоде Самиот наш Господ и Спасител.
Според тоа, мои љубени пријатели, во светлината на Христовото Вознесение ни е сосем јасен нашиот животен пат, а и нашата задача – да бидеме соучесници во Божјата слава. Да го насочиме својот поглед кон небото, таму, каде се вознесе Христос. Светата Црква постојано нѐ повикува, а посебно на овој ден нѐ потсетува дека таму, каде што отишол Господ, е вечното семејство на праведните. Таму е радоста на непрестајното созерцување на Божјото лице! Таму е вечниот живот!
Архимандрит Јован Крестјанкин