Нема ништо подобро од чистата молитва
 
 
 
 
 

Нема ништо подобро од чистата молитва (30.05.2014)

Нема ништо подобро од чистата молитва, од која, како од извор истекуваат добродетелите, т.е. разумноста, кроткоста, љубовта, воздржанието и солзите, кои ги доведуваат Божјата помош и утеха. Нејзината убавина се содржи во прилепувањето на умот за она што се изговара и мисли, па со незаситна секојдневна желба сака да го достигне Божјото. Обидувајќи се во созерцувањето на постоечкото да ги најде трагите на својот Владика, умот со огнен копнеж брза да Го најде Невидливиот. Меѓутоа, сретнувајќи се со темнината која Го прикрива, тој повторно со побожно смирение се враќа во себе. Тој се задоволува со она што му е откриено во созерцувањето и се теши со тоа. Сепак, тој живее во надеж дека конечно ќе го достигне посакуваното кога ќе ги снема сеновитите фантазии и кога како во огледало ќе се појави непрестајното гледање, лице в лице.

 

Сакаш ли да ти го покажам патот кон спасението, или подобро кажано, кон бестрасноста? Моли Му се на Творецот според своите сили за да не се оддалечиш од својата цел, имајќи ги за застапници пред Него небесните сили и сите светители, заедно со Пресветата Богомајка. Немој да бараш бестрасност, бидејќи си недостоен, туку постојано моли се за спасение. На тој начин ќе го здобиеш и бестрастието. Едното личи на сребро, а другото на чисто злато. Немој да ја оставаш скриената активност, т.е. Божјата слугинка (молитвата), како ни тајно упатените зборови кон Него, кои те боготворат.

 

Подвизувај се за залогот на спасението да го примиш внатре, во своето срце, како несомнено сведоштво, за во времето на излегувањето (од овој свет) неочекувано да не те сретнат стравот и треперењето. Сметај дека си го добил доколку твоето срце веќе не те осудува за никаков недостаток, доколку совеста не те мачи поради гневот, доколку Божјата благодат ја потчинила дивата природа на страстите, доколку ти течат солзи на утеха, доколку умот ти се моли чисто и без расеаност, и на крајот, доколку твоето срце подготвено и со радост ја очекува смртта, која за многумина е страшна и истата сакаат да ја избегнат.

 

Преподобен Теогност