Здобивање на добродетелите (03.08.2014)
Кој сака да напредува во добродетелите, треба да плаче за своите гревови и да Го моли Бог, дење и ноќе, да му прости. Добродетелта бара секојдневен подвиг. Кој не умира за гревот и сѐ што е поврзано со него, секогаш духовно ќе заостанува и никогаш нема да почувствува исполнетост. Тагата, солзите, молитвите, проникнувањето во Божјото Писмо и милосрдието, треба да бидат секојдневна храна за душата.
Светителите го достигнале врвот на добродетелите, бидејќи секојдневно и непрестајно се бореле за да ги здобијат. Ако и ние искрено не плачеме поради своите гревови, и не се трудиме, Бог ќе се одврати од нас и нашата душа ќе остане сиромашна во добродетелите. Страстите пуштиле длабоки корени во нашата душа и не се искоренуваат лесно. Да Му се помолиме на Господ да ни помогне во оваа наша борба, затоа што самите не можеме да направиме ништо.
Господ рекол: „Блжени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бог“. А очите кои ќе Го видат Него, треба да се исчистени од солзите на покајанието. Чистотата на душата и тагата се поврзани. Затоа Господ укажал и на друго блаженство: „Блажени се оние што плачат, зашто ќе се утешат“. Од тагата на душата доаѓа до чистота.
Голема работа е помошта и утехата од Господ. Таа нѐ успокојува повеќе од мајката или таткото, или која било друга личност од овдешниот живот.
Подвигот за здобивање на добродетелите е тежок. Меѓутоа, да не заборавиме на оние кои ден и ноќ Го молат Господ да ги исчисти од страстите и да им подари солзи, со кои ќе ја очистат душата. Страстите не можат да застанат против душата кога таа е соединета со Бог. Големите Отци на Црквата го достигнале големото и високо ниво на добродетелите преку секојдневен подвиг. Ако себеси се оставиме на кратко без духовна храна, тоа ѓаволот брзо ќе го искористи и ќе го одработи своето, т.е. ќе ја упропасти нашата душа. Ако ги надминеме лажните и суетни нешта од овој свет, Бог брзо ќе ни го отвори патот кон духовните богатства.
Восхитувај им се на Божјата мудрост и љубов. Тој ни го подарил овој свет, а ние наместо вистински да се радуваме, сме паднале во гревот, и сме Го заборавиле Бог. А Тој нас повторно нѐ подигнал, отворајќи ни нов пат со Своето воскресение. Сето ова треба треба да нѐ воодушевува и поттикнува повеќе да се бориме против страстите кои војуваат против нашата душа.
Ако размислиме што подготвил Бог за нас, сето останато ќе ни биде „трици“, т.е. ѓубре, само да го наследиме Небесното Царство. Кога подвижникот не размислуива за својата цел, не прави ништо. Тогаш личи на атлетичар кој трча, без да знае каде е крајот. Нашиот крај не е во овој живот, туку во другиот. Во тој друг живот, вечен и бесконечен, гледале илјадници светители, подвижници и маченици, и оттаму добивале сила за својот подвиг. И затоа презирале сѐ, и гонењата, и гладта, и мачењата и многу други нешта, за да Го здобијат Христос. И Го здобиле. Човековата душа не може да се засити од слатките корења на гревот, туку со вечен живот и Божјите зборови кои се полни со обновувачка сила; силата која ја осветува, оживува и раководи душата кон својата вистинска одреденост. Така човекот вистински се исполнува со духовното богатство, и Го прославува Бог. Тоа ни го рекол и Самиот Господ: „Така да свети вашата светлина пред луѓето, да ги видат вашите добри дела и да Го прослават нашиот Отец, Кој е на небесата“. Ние ја примаме Светлината и истата им ја даваме на другите. Колку голема чест за човекот! Колку Бог го воздигнува во добродетелите! Добродетелта тешко се достигнува, но нѐ издигнува пред Божјиот престол. Значи, да се молиме, Господ секојдневно да ни дава сила во нашата борба, во подвигот за добродетелите.
Преподобен Исаак Сирин