За покајанието
 
 
 
 
 

За покајанието (04.08.2014)

Кога знаеме дека Бог не ги остава оние што се поправаат, туку ги прима како и оние кои се постојани во добродетелите, кога уште знаеме и за тоа дека не само што не ги казнува, туку на нивниот повик Самиот оди кај нив и им се радува повеќе отколку на спасените, тогаш и ние не треба да очајуваме кога сме паднале во грев. Исто така, не смееме, додека сме на патот на добродетелите, да бидеме невнимателни. И кога сме добродетелни треба да внимаваме да не се лизнеме во својата самодоверба, а при паѓање во грев треба да се каеме. Спасението е под знак прашалник токму во овие две ситуации: кога стоиме и мислиме дека не сме во опасност, или кога ќе паднеме, па се препуштаме на очајот. Токму затоа за оние за кои се грижел, Павле и рекол: „Затоа оној што мисли дека стои нека внимава да не падне“, како што и за себе рекол: „туку го истоштувам и го поробувам телото, за ненамерно, проповедајќи им на другите и самиот да не станам недостоен“. А дека оние што веќе паднаа ги подигна и ги поттикна на поголемо себевнимание, засведочи кога на Коринтјаните вака им се обрати: „да не се случи, кога ќе дојдам кај вас, да ме понижи мојот Бог, и да плачам за мнозина, кои погрешиле и не се покајале за нечистотијата, блудството и срамот, што ги направиле“. Со ова покажал и дека оплакувањето не им е до толку потребно на оние што згрешиле, колку што им е потребно на оние што не се каат за гревовите. А и пророкот кога рекол: „паднатиот, зарем не станува?; заминатиот зарем не се враќа?“, го кажал истото. За истото и Давид пеел: „Сега, ако го слушнете Неговиот глас: да не ви се скаменат вашите срца“.

Затоа, сѐ додека плачеме не треба да очајуваме. Да ја насочиме нашата надеж кон нашиот Владика и да си го претставиме морето на Неговото човекољубие. Да го исчистиме нашето лошо срце и со преголемо внимание да им се вратиме на добродетелите, да се покаеме за гревовите кои сме ги направиле, за уште додека сме тука, да ги истресеме сите гревови од себе, за храбро да можеме да пристапиме на Христовиот суд и така да се удостоиме со Небесното Царство. Така и нека биде, сите да ја примиме полнотата на благодатта и човекољубието на нашиот Господ Исус Христос, Кој со Отецот и со Светиот Дух е достоен за слава, власт и чест, сега и вечно, амин.

Свети Јован Златоуст