Непрестајната молитва се здобива со често изговарање на Божјото име
 
 
 
 
 

Непрестајната молитва се здобива со често изговарање на Божјото име (05.08.2014)

Усната Исусова молитва на почетокот преминува во честа, која поради нашата ненавикнатост сѐ уште не може да биде непрестајна.

Честата, пак, молитва самата по себе произлегува од нашиот молитвен опит.

Доколку внимателно се однесуваме кон својот живот, ќе почнеме да забележуваме дека сѐ што сме направиле без молитва всушност е лошо направено и дека има лоши последици. Од друга страна, и несвесно ќе почнеме да воочуваме дека сите наши дела и потфати кои се направени со молитва, дури и со најкратката: „Господи Исусе Христе, благослови ме“, „Господи Исусе Христе, помогни ми“, „Господи Исусе Христе, сочувај ме“, го донесува Божјиот благослов. Затоа, нашето живо искуство нѐ учи на чистата молитва, т.е. секое дело да го започнеме со молитва и да го завршиме со благодарење (во вид на молитва).

Од таквиот однос кон животот се раѓа честата молитва или честото изговарање на Божјото име. Честата, пак, усна молитва доведува до повнимателна, а повнимателната – до умна и непрестајна. Затоа честата молитва е најдобриот и најкраткиот пат за вкусување на дарот на благодатната молитва, т.е. за здобивање на непрестајната молитва. Честата молитва е благодатниот клуч за непрестајната, срдечна молитва. Честата молитва ја спасува душата од бесплодното скитање по патот и ја приведува кон вратите на Царството, т.е. кон внатрешната молитва на срцето.

Количината или зачестеноста на молитвата го раѓаат квалитетот на истата. А квалитетот на молитвата е побожно, внимателно стоење на душата пред Бог, на кое не му пречат помислите, што и е, според пишувањето на св. Филип Филаделфиски: „влез во недостапните скривници на умот, каде душата Го гледа Невидливиот и на Единствениот самата Му служи во разумните излевања на љубовта“, вкусувајќи го благодатното блаженство кое исходи од блажениот Бог.

Квалитетот на молитвата произлегува од вниманието, стравот, топлина, а сите тие му припаѓаат на Бог. Количината, пак, му припаѓа на човекот и неговата срдечност. Затоа на нашата природа ѝ е дадена една заповед за количината: „Молете се непрестајно“.

Постојаноста и зачестеноста припаѓаат на човековата срдечност, т.е. на човековата добра волја. Бог од човекот бара само количина, непрестајност, зачестеност на молитвата. Бидејќи, постојаноста во молитвата, количината, со благата човекова срдечност, дефинитивно ќе го  предизвикаат Божјото содејство, т.е. квалитетот, односно добрите плодови од молитвата.

Честата и правилно извршена молитва во почетокот е полна со расејаност, невнимание, сувост и студеност. Вниманието, топлината и пламенот се, пак, Божји дар, кој ѝ се дава на душата во свое време, доколку се труди во честата молитва. Ние треба да го насочиме вниманието и да се потрудиме да ја здобиеме количината, т.е. да се молиме често, да се молиме на секое место, во секое време и во сите околности, да го држиме својот ум во зборовите на молитвата и „да не дозволиме да нѐ носи виорот на штетните помисли“, според зборовите на св. Симеон Нов Богослов. Ние не треба да му дозволуваме на умот да се занимава со смрдливите фантазии и празни мисли, бидејќи според учењето на светите Отци, при отсуство на секојдневното размислување за Бог умот се препушта на фантазиите и се валка, сквернави, по што и душата е во допир со секоја нечистотија.

И св. Ефрем Сирин вели: „Од секојдневното размислување за Господ од душата се оддалечуваат страстите, па Светиот Дух се подготвува за чистото престојувалиште“.

Старец Јован Рижиски