За молитвата
 
 
 
 
 

За молитвата (06.08.2014)

Молитвата е една од најважните и најмоќните сили, и таа прави оној што се моли да се препороди, дарувајќи му телесна и духовна благосостојба.

 

Вниманието мора да биде нераскинливо поврзано со молитвата, на истиот начин на кој и телото е нераскинливо поврзано со душата. Со други зборови, за време на молитвата умот мора да стражари над срцето и да кружи над него, и оттаму, од длабочината на срцето, ќе ја вознесува молитвата кон Бог, непрестајно изговарајќи: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“. Кога срцето еднаш ќе вкуси и искуси дека Господ е добар и сладок, умот веќе не сака да го напушти местото на срцето, туку заедно со апостолот Петар ќе рече: „Добро ни е овде“. Тој сака да кружи наоколу, оддалечувајќи и протерувајќи ги, така да кажеме, сите оние идеи кои таму ги посеал ѓаволот, не допуштајќи ѝ на ниту една овоземна помисла да остане таму и станувајќи на тој начин смирен, односно лишен од секаква помисла. Овој подвиг изгледа многу тежок и мачен за оние кои ништо не знаат за него. Меѓутоа, оние што ја вкусиле сладоста од него и во длабочината на срцето ја почувствувале насладата од него, ќе воскликнат со Божествениот Павле: „Кој ќе нѐ раздели од Христовата љубов?“

 

Внимателно слушајќи Го Господ Кој рекол дека нечистите помисли, кои ја валкаат душата, доаѓаат од срцето, како и дека чашата и чинијата прво треба да ги исчистиме однатре за и однадвор да бидат чисти (Мат. 15, 19-20; 23, 26), нашите свети Отци го напуштале секое друго духовно дело и се посветувале само на ова, односно на стражарењето над срцето, сигурни во тоа дека на тој начин лесно ќе ја здобијат и секоја друга добродетел.

 

Целата твоја душа љубовно нека се приврзе за смислата на молитвата, така што твојот ум, твојот внатрешен глас и твојата волја, трите составни елементи на твојата душа, да станат едно, и обратно. На тој начин, човекот кој е образ на Пресвета Троица, ќе стапи во врска и ќе се соедини со прототипот (праобразот). Како голем практичар и учител на умната молитва, Григориј Палама Солунски рекол: „Кога единичноста на умот ќе стане трикратна, а сепак ќе остане единица, тогаш се соединива со Божјото Триединство и ја затвора вратата за секој вид прелест и станува против плотта, светот и кнезот на овој свет“.

 

Молитвата претставува очи и крилја за душата. Таа ни дава храброст и сила да Го гледаме Бог.

 

Старец Ефрем Филотејски