Најлесното средство за напредок во непрестајната молитва е Исусовата молитва
 
 
 
 
 

Најлесното средство за напредок во непрестајната молитва е Исусовата молитва (07.08.2014)

Постои молитва која човекот сам ја твори, и постои молитва која Бог ја дава на оној што се моли. Кој не знае за првата? Но и другата треба на сите да им биде позната. Првото нешто со кое Му се пристапува на Господ е молитвата. Човекот почнува да оди во црква и да се моли дома според молитвениците и без нив. Меѓутоа, мислите постојано се расеани. Човекот никако не може да излезе на крај со нив. Но, што повеќе се труди околу молитвата мислите сѐ повеќе и повеќе се смируваат, а молитвата станува почиста. Сепак, внатрешноста на душата не се очистува додека во неа не се запали духовното пламенче. Ова пламенче доаѓа од Божјата благодат, онаа заедничка за сите. Тоа се појавува како последица на, до извесна мера, духовната чистота на оној што моли. Кога ќе се запали ова пламенче или кога ќе се појави постојаната топлина во срцето престанува виорот на помислите. Во оваа состојба молитвата повеќе или помалку личи на непрестајната. До ова доаѓа благодарение на Исусовата молитва. И тоа е границата до која може да стигне молитвата која ја практикува човекот. Мислам дека ова ви е јасно.

Потоа се дава молитвата која сама доаѓа, која не ја твори човекот. Го осенива молитвениот дух и се вовлекува во срцето – исто како некој да те фатил за рака и со сила да те префрлил од една соба во друга. Овде душата е поврзана со надворешната сила и со задоволство останува внатре додека над неа стои Духот Кој ја посетил. Тогаш душата гледа сѐ, свесна е за себе и својата надворешна положба, и може да расудува, и да управува со себе, може дури и да ја промени оваа своја положба. И ова треба да ви е јасно.

Кај светите Отци, а посебно кај св. Исаак Сирин се укажува и на друг степен на молитвата која се дава и која осенува. Тој зборува за молитвата која ја нарекува екстаза или вдахновение. И овде, исто така, се појавува молитвениот дух, но душата која тој ја посетува влегува во такви созерцувања така што заборава на својата надворешна положба, не расудува, туку само созерцува, и не е во состојба да управува со себе или да ја промени својата положба. Се сеќавате дека во Старечниците пишува дека некој се молел пред втората трпеза, а се вратил на себе дури утрото. Всушност тоа е вдахновената молитва или созерцателната. Кај некои таа била пропратена со просветлување на ликот со Светлината која се излевала околу нив, а кај други со подигнување од земјата. Св. апостол Павле во оваа состојба бил вознесен и однесен во рајот. И светите праотци биле во оваа состојба кога Духот ги посетувал.

Замислете си само колку е голема Божјата милост кон нас грешните. Некој малку ќе се потруди и со што е удостоен? За оние кои смело се трудат може да се рече: трудете се, имате за што да се трудите!

Најлесното средство за напредок во непрестајната молитва е навикнувањето на Исусовата молитва и нејзиното вкоренување во себе. Најопитните луѓе во духовниот живот, преку Бог сфатиле дека ова е едноставно и воедно седејствувачко средство за утврдување на духот во сите духовни активности, исто како и во целиот духовен и подвижнички живот, и во своите поуки ги оставиле потребните правила за него.

Схи-игумен Харитон Валаамски