Бог вистински се доживува или како Оган кој очистува, или како Светлина која просветлува (09.08.2014)
Од Божјата љубов се раѓа светата смелост. Така една рака апостоли, претходно малодушни, после слегувањето на Светиот Дух, исполнети со храброст тргнале во духовна борба против целиот свет. И речиси сите биле удостоени со маченички крај. Прекрасни зборови им кажал апостол Андреј на оние што му се заканувале дека ќе го распнат: „Кога би се плашел од крстот, не би го проповедал“. И тој бил распнат, и висејќи на крстот ја прославувал крсната смрт на Владиката Христос.
Даровите на Светиот Дух се непроценливи. Секој дар не е ништо друго туку огнена љубов. Но, заради ширењето на нашето срце, за тоа да може да ја прими Христовата љубов, неопходно е сите да поминеме низ многу искушенија. Оние што живеат во телесен мир атрофираат духовно и остануваат затворени за Божјата, Христолика љубов. Таквите живеат и умираат, а нивниот дух не се качува кон небото. Меѓу даровите од горе и подвизите на верата постои некаква синерија: сите кои одат по патот на Христовите заповеди, се препородуваат следејќи Го Христос, едни повеќе, а други помалку, зависно од тоа колку срдечност покажуваат. Преку сораспнувањето со воплотениот Бог – Словото врз верниците слегува благодатта која човекот го прави сличен на Богочовекот. Овој голем дар во себе содржи и живоносно богословие, преку реален живот во Светлината на љубовта.
Самото сфаќање на гревот е присутно единствено таму каде што односите меѓу Бог-Апосолутот и човекот-грешник добиваат чисто личносен карактер. Инаку, сѐ си останува на интелектуалните претстави за помалиот или поголем степен на форми на совршенство кај постоечкото. Гревот е секогаш престап против љубовта кон Отецот. Тој се покажува како наше оддалечување од Бог и потчинетост на нашата волја на страстите. Покајанието е секогаш поврзано со воздржувањето од гревовните поттикнувања. И надвор од христијанството се води борба против некои страсти; и во хуманизмот можеме да најдеме совладување на овој или оној порок; но затоа што недостасува сознанието за длабоката суштина на гревот – за гордоста, затоа овој лош корен останува несовладан, па трагизмот на историјата не престанува да се зголемува.
Светите Отци велат: само смирението може да го спаси човекот, а гордоста и самата е доволна да го повлече во мракот на пеколот. Меѓутоа, победата над целокупниот комплекс на страсти значи здобивање на богоподобно битие. Сите страсти се нужно облечени во некоја форма, видлива или мисловна, имагинарна. Во огнената и покајничка молитва духот на христијанинот ја соблекува од себе таа претстава за видливите работи и разумни појави. Ослободувањето од сите пајажински и мисловни форми се практикува и во други аскетски култури. Сепак, човекот не се сретнува со живиот Бог доколку молитвата се извршува без неопходното спознание на гревот и искреното покајание; може само да се почувствува некаков одмор од калеидоскопското чекорење во секојдневниот живот.
... Но повторно и повторно: Бог вистински се доживува или како Оган кој очистува, или како Светлина која просветлува.
Старец Софрониј Сахаров