Просветлен од Божјата Светлина, човековиот ум се воздигнува кон Создателот на вселената (12.08.2014)
Навистина, голем е духовниот човек кој е создаден според образот на својот Создател и Бог. Затоа тој е боголик, боговдахнат и приемчив за Божјото откривање, и оттука е – поради своето возвишено потекло, господството на својата природа и карактерот на својата душа – поголем од секоја создадена природа. Човековиот дух се воздигнува кон Бог, станува просветлен од Божјата Светлина и, преку растерувањето на темнината на материјалното (во човекот), го спознава „она што око не виде и уво не чу, ниту влезе во човековото срце“.
Бог живее и дејствува во човекот... Оној Кој во себе ја содржи целата вселена, на мистичен начин претстојува во срцето на микроскопскиот човек. Ова звучи чудно, но е вистинито. Начинот е таинствен, а Божјото откривање се пројавува преку сопствениот удел. Бог е бесконечен и вселената лежи на Неговите раце, а човекот е грст прашина. Па сепак, човекот се воздига над вселената и над небото, и со очите на умот го созерцува величеството на созданието, ја испитува и истражува вселената, ги открива законите кои управуваат со неа, ги премерува огромните растојанија и димензии на небесните тела, знае за специфичната тежина, цврстина и количина на елементите од кои се составени тие, и, генерално гледано, за нивната природа...
Просветлен од Божјата Светлина, човековиот ум се воздигнува кон Создателот на вселената, го проучува Неговиот карактер и формулира тврдења за Неговите својства... Просветлен и силен, благодарение на Божјата благодат, човекот се вознесува над сите неразумни созданија и – иако во земно тело – станува сличен по природа на небесните ангели...
Божјата премудрост го создала човекот како возглавител на созданието за да може да Го поима и спознае својот Творец и Бог... Човекот е причината за создавањето на светот. Да, човеку, Бог те создал како бог на земјата. Гревот и отпаѓањето од Бог ќе те лиши од тоа знаење. Гревот и отпаѓањето ќе го помрачи твојот ум, создаден да Го созерцува Бог. Тие те заведоа на погрешен пат и те заглавија во калта на страстите, кои ја затемнија светлината на образот (Божји во тебе). Да, знај дека си создаден според образот и подобието Божјо, и дека имаш бесмртна душа која е назначена со помош на благодатта (Божја) да живее вечно. Проучувај се за да сфатиш и да се увериш колку твоите активности и твоите дела сведочат за бесмртноста на душата.
Свети Нектариј Егински