За тоа што за своето спасение треба да направи и претрпи човекот
 
 
 
 
 

За тоа што за своето спасение треба да направи и претрпи човекот (16.08.2014)

Размислувај, сега, и расудувај колку си претрпел за своето спасение: ти добро знаеш дека со исполнување на Божјите заповеди ќе го здобиеш вечниот живот и ќе го заслужиш рајот, како што вели Господ: „Ако сакаш влези во животот и исполнувај ги заповедите“. Знаеш, исто така, дека без голем напор никој не може да го здобие Небесното Царство: „Тоа на сила се освојува“. Колку, значи, досега си се борел за да ги исполниш Божјите заповеди, што сѐ си поднел за да го здобиеш Небесното Царство, од кои удопства си се лишил, кои страсти си ги победил? Ах, мој драг брате! Јас мислам дека си направил и поднел неспоредливо повеќе за да ја изложиш својата душа на пеколните маки, отколку да ја спасиш, и дека си еден од оние кои се борат, не за да направат добро, туку зло, како што вели пророкот Еремија: „Мудри се за правење зло, а добро не умеат да направат“, или како што вели Соломон: „во злото се истрошивме“. Мислам дека само со половина од трудот, кој си го вложил во своите незауздани страсти, си можел својата душа да ја доведеш до подобра состојба. Како ти, кој си толку способен за погубување на својата душа, сега немаш храброст, без оглед што знаеш во каква состојба си, да направиш какво било дело достојно за спасение?

Разбуди се, драг мој, од тој погубен сон и од невниманието токлу штетно за душата, како што и Павле те советува: „Знаете дека е веќе време да се раzбудиме од сонот“. Значи, стани, разбуди се и почни да живееш живот достоен на својата христијанска вера, а сите останати цели сметај ги за трици пред единствената голема цел, пред спасението на својата душа. Тоа е единствената цел која е потребна, единствено таа ни е од полза, како што вели Господ: „Само едно е потребно“. Затоа, брате, одреди си еден час во денот, или наутро, или навечер, за да почнеш да го спроведуваш во дело достигнувањето на таа најголема цел, т.е. спасението на својата душа. Почни со духовните вежби и духовните активности, вдлабочувајќи се во размислувањата за оние теми кои во твоето срце внесуваат страв од Бога, кои те оддалечуваат од злото, предизвикуваат покајание и копнеж за идните богатства, а потоа преиспитај се за да воочиш кои гревови си ги направил и какви страсти те обземаат, за од Бог да побараш простување за нив, а над сѐ, за самиот да научиш како да се бориш против нив. После тоа, помини некое време читајќи душеполезни четива кои ќе те научат како да ги здобиеш добродетелите и како да ги избегнеш замките на кои наидуваш. Ова за што ти зборувам треба особено да го правиш за време на четирите пости, затоа што тоа е време за молитвено тихување (безмолвие). Бидејќи, рака на срце, доста беше, брате, веќе многу време потроши угодувајќи им на својата волја и дела, како што вели Божествениот Петар: „Зашто доста време минавте исполнувајќи ја незнабожечката волја“. Затоа сега искористи го преостанатото време од својот живот за своето спасение. Не надевај се на она што го кажувале Јудејците: „Сѐ уште не дошло времето, времето да се соѕида Господовиот дом“. Затоа што, којзнае, дали тој подарен час и тоа мало молитвено тихување, до кое ќе успееш да дојдеш, не е токму она средство кое го одбрал Бог уште пред создавањето на светот, за да се изврши делото на твоето спасение? Којзнае, можеби токму во него се крие твоето назначување? Којзнае, дали нема тој краток час да биде токму она време кога Бог ќе те чуе и ќе ти рече: „Во погодно време те чув, и во денот на спасението ти помогнав?“ За да ти го олеснам начинот на кој ќе ги спроведеш своите духовни вежби, еве јас, за твоја љубов, ти ги изложувам токму тие духовни активности, токму тие преиспитувања и тие душеполезни четива, и сето тоа во вид на духовни вежби.

Донеси одлука, брате, и од овој миг внимателно вежбај, со волја и внимание вдлабочувај се во духовните активности, размислувај, расудувај, па потоа преиспитај се и на крајот читај текстови. Вежбај и бори се според твоите сили, а сѐ што ќе научиш веднаш применувај го, бидејќи се надевам дека од сето ова ќе се збогатиш со духовен плод и дека успешно ќе ја достигнеш онаа цел поради која бев поттикнат сето ова да го составам. Затоа што овде се содржи, од една страна, совршеното оддалечување од злото, а од друга страна, совршеното здобивање на добродетелите, како и истакнувањето на омразата кон сегашниот начин на живот, и копнежот за идниот. Одовде се раѓа стравот од сѐ што ти се заканува и желбата да ги исполнуваш заповедите и, на крајот, така се постигнува спасението, кое произлегува од сето тоа. Значи, затоа отфрли ги сите оние помисли кои те спречуваат во тоа душеполезно дело и непоколебливо и строго придржувај се до одреденото време за тихување, кое си го одредил за вежбање. Довери му ги своите помисли на духовниот отец, избери си светители за свои заштитници и препушти им се. Па ако, на крајот од крашитата, некогаш неочекувано паднеш во некој смртен грев, потруди се што поскоро да го исповедаш и со вистинско покајание да го избришеш, за да можеш да ја отстраниш таа препрека, која е најголема од сите, и да станеш достоен за да ја примиш Божјата благодат. Од сето ова што ти го кажав ништо не е вишок. Потруди се деновите да ги поминеш како скапоцени за духовно вежбање, бидејќи Божјата благодат происходи од Бог, Дарителот на секое богатство, а Тој обично ја дава во сооднос со мерата во која сме подготвени да ја примиме, како што и Тој Самиот вели преку пророкот: „Вратете Ми се... и Јас ќе ви се вратам“.

Преподобен Никодим Светогорец