Светоста е обврска за секој христијанин
 
 
 
 
 

Светоста е обврска за секој христијанин (17.08.2014)

Во овоземното царство (се мисли на монархија), оддавајќи им почит на оние кои се на повисока положба, не можат да се достигнат привилегиите пред кои се поклонуваме. Но во Божјото Царство не е така. Таму секој еден, кој е од верните народи, почитувајќи ги Божјите светители, може и самиот да го достигне достоинството кое го почитува кај другите, и не само што може, туку е и повикан за тоа. „Заради Светиот Кој ве повикал, и самите бидете свети во својот живот, бидејќи е напишано: ‘Бидете свети, затоа што Јас сум свет’“.

Браќа, почитувате ја светоста како привилегија на избраните! Да ја сфатиме светоста како обврска за сите и секого.

Благовесникот на Небесниот Цар, нам, кои сме на последниот степен, недостојни за тоа Царство, ни вели: „Бидете свети“, морално, а потоа бидете свети и блажено; живејте побожно и добродетелно, и бидете Му блиски на Небесниот Цар, Кој ви дозволува не само да Му се приближите, туку и да живеете во Него, и Самиот не само што сака да ви се приближи, туку и да живее во вас. Што? Како се прифаќа овој позив? Дали сите, во крајна мера многу, ќе тргнат со подготвеност, со огнена срдечност, со неослабена ревност, со труд? Зарем не е логично да мислиме и велиме: „Како ние ќе бидеме свети? Ние сме грешни луѓе и доволно е ако некако се спасиме благодарение на покајанието“.

„Како ќе бидеме свети?“ Но дали сме помислиле што ќе бидеме, односно што ќе биде со нас ако не почнеме да се подвизуваме за да станеме светители? Постојат повисоки степени на светоста на кои блескаат посебно избраните и облагодатени души. Меѓутоа, светоста воопшто не е само поединечна одлика меѓу христијаните, која пофално некои ја имаат и без која лесно можат да пројдат другите. Според апостолското учење, секој кој Бог го повикал да биде свет во Божјото Царство, мора да си најде закон, обврска и поттик неотповикливо да биде или да стане свет. Ако живеете без тежнеење и без надеж да бидете свети, значи дека живеете не според „Светиот Кој ве повикал“ и не одговарате на достоинството на повиканите од Бог, синови на Божјиот завет – вие сте христијани по име, а не по суштина. До што доведува таквиот живот, може да се види од другата апостолска изрека: „Трудете се да имате мир со сите и светост, без кои никој нема да Го види Бог“. Појаснето: имајте мир со сите, имајте светост, бидејќи без нив никој нема да Го види Бог, т.е. нема да го достигне вечното блаженство.

Значи, ако безгрижно и невнимателно мислиме дека не треба да бидеме свети, самите си ја пишуваме пресудата да не Го видиме Господ.

„Ние сме грешни луѓе.“ Мислам дека ова е неоспорлива вистина. Бидејќи, „ако речеме дека немаме грев, се лажеме и нема вистина во нас“. Меѓутоа, злоупотребата на вистината не е подобра од очигледната заблуда. Ако се сметаме за грешни врз основа на длабокото самопознание, и преку тоа ја чувствуваме својата недостојност и расипаност, имаме покајание во срцето, ја смируваме вродената гордост кај стариот човек, се поттикнуваме на барање на благодатната помош и на подвиг против гревот – таквото признавање на гревовноста не само што не ни ја одзема надежта во достигнувањето на светоста, туку и ни го трасира патот кон неа.

„Некако ќе се спасиме благодарение на покајанието.“ Да, покајанието припаѓа во средствата за спасение, Христос им го дава на грешните, кога вели: „Покајте се и верувајте во Евангелието“. Меѓутоа, ако мислиме некако да се покаеме, некако да се спасиме, тогаш премногу благо судиме за дело од огромна важност. Совршениот учител на покајанието, Јован Крстител, вели дека вистинското покајание бара уште нешто со себе. „Родете, вели, плод на достојно покајание.“ Покајанието ја чисти од трње земјата на срцето, го омекнува. Верата на неа сее небесно семе. Растот на ова семе е исполнувањето на заповедите и правењето добрини. Неговиот цвет е внатрешното духовно просветлување, а зрелиот, совршен плод – светоста. Потребно е пченицата да достигне зрелост за да ја внесат во амбарот. Потребно е човекот да достигне светост за да биде воведен во Небесното Царство. 

Браќа, каде ќе нѐ поведат сега предложените размислувања? Кон вечната ревност и грижата за делото на спасение, кое бара не само покајание како почеток, туку и светост како крај на тоа дело? Или можеби кон уште поголема безнадежност дека можеме да го достигнеме спасението со посредство на светоста, која е толку високо над нас?

Христе Боже, недеж наша! Не ни дозволувај да омалаксаме во нашата безнадежност, туку дај ни сила преку надежта во Тебе. Некогаш и Твоите апостоли биле во безнадежност, но Ти си ја отстранил со Твојата семоќ. Подари ни и нам да почувствуваме сила во зборовите: „Она што е невозможно за луѓето, за Бог е возможно“.

Навистина браќа, ако треба само со човечките, природни сили да го достигнеме спасението, праведно би било да не се отповикаме, бидејќи тоа е над нашите можности. Но кога за таа цел ја имаме Божјата благодат која нѐ пресретнува, просветлува, ни дава сила, ни помага и чува, никој не треба да губи надеж дека може да го достигне она за што Бог нѐ избра во Христос: „да бидеме свети и непорочни во љубовта пред Него“.

Затоа, да се разбудиме од мрзливоста со чувство на долг и надеж во Божјата помош за успех, и да се поттикнеме на ревност во делото на нашето спасение.

Ако во овие зборови сретнете високо барање: да бидете свети, треба да знаете дека заедно со тоа одат и едноставни средства за достигнување на истото: отфрлување на похотта и труд околу себеочистувањето од нечистотијата на телото и духот. Во мерата во која човекот активно и вистински се подвизува во чистењето од нечистите дела, желби, страсти и помисли, со посредство на Црквата и Светите Тајни, врз него ќе слезе Божјото осветување, кое сите нас ќе нѐ направи причесници на благодатта на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.

Свети Филарет Московски