Праведен Алексеј Мечев: Живот без барања (22.08.2014)
„Беше скромен и проѕорлив човек“ – така пишуваат речиси сто години после упокојувањето за големиот Божји угодник на минатото столетие, за светиот и праведен Алексеј Мечев. И можеби, тешко е да се најдат поточни зборови кои би го опишале подвигот на овој светител. Тој не бил строг аскет, молитвеник во осамеништво, не примил монашки потстриг, но им бил близок и бил возљубен од сите. „Влезете во состојбата на секој човек, бидете свесни кој е пред вас, грижете се за другите, трудете се да ја носите нивната тежина“ – ги учел праведниот оние што доаѓале кај него. И не ги учел со збор, туку со животот. Тој живеел како што многумина велат дека не може да се живее... Живеел едноставно евангелски, со ближните ги споделувал и тешкотиите на семејниот живот, и недостатокот на разбирање од ближните, и навредите и рамнодушноста на оние кои го опкружувале. Баќушката не одел подалеку од својот скромен свештенички живот во кој Господ одлучил да го зголеми неговиот дух. Бил внимателен кон ближните и благодарен кон Бога. Подоцна тој ќе ги учи и другите така да постапуваат: „Со солзи ве молам и преколнувам, бидете светлина која ги затоплува оние околу вас, ако не сите, барем семејството во кое Господ ве поставил за член“.
Осум долги години во малиот храм посветен на св. Николај кај отец Алексеј речиси никој не доаѓал на служба. Но тој смирено си ја вршел својата служба, прифаќајќи ги околностите како дадени од Бог. Потоа, се упокоила неговата љубена сопруга оставајќи му четири деца во прегратките, но отец Алексеј постојано живеел онака како што никој не живеел – после советот од праведниот Јован Кронштатски ја прифатил тагата како Божји повик да влезе во тагата на другите, односно да ја земе на себе.
Откако ја доживеал силата на смирението, отецот почнал да им зборува на своите духовни чеда: „Ти си размислуваш: еве дојдоа страдања, несреќи кои ги нема кај никој друг, околности од кои нема бегање, а ете Бог љубовно гледа на тебе, ете Бог ти се приближува“.
Отец Алексеј живеел во тешки времиња. Револуција, безбожна власт, развратно општество, почеток на гонењата... Но светителот живеел како да не му треба ништо од другите. И покрај сѐ, едноставно и јасно велел: „Кога ќе видиш околу себе нешто лошо, веднаш сврти се кон себе и запрашај се дали ти си причината која го предизвикува тоа“. Често на оние што доаѓале кај него на исповед им ја покажувал силата на искреното смирение. „Неговите совети биле составени и од правилото да не се осудуваат и да не се навлегува во постапките на другите. Кога имало ситуации на распаѓање на семејството, баќушката во него донесувал мир, љубов и простување кое го разбирале сите. Тој не осудувал никого, не укорувал, туку поттикнувал да се воочат грешките и ги доведувал луѓето до состојба да си ја осознаат својата вина, предизвикувајќи кај нив чувство на каење“. И во тоа се манифестирала силата на верата кај праведникот. Тој не му судел на светот, не се обидувал да го дознае, разбере и сфати правилното однесување; отец Алексеј едноставно сфатил дека светот нема потреба од нашите разбирања, мислења и судови, туку дека тој страда од недостаток на љубов, милосрдие и доверба во Бог.
Кога се срушиле сите темели на општеството, кога се чинело дека светот полудел, баќушката докажал само едно: дека и во тие услови, да се живее евангелски е можно и едноставно неопходно! „Нема потреба од лутина, едноставно тоа не е неопходно... Посакувај му среќа на секого и ќе бидеш среќен“ – тоа е она што го слушале од устата на светиот оние кои биле околу него.
„Бил скромен и проѕорлив човек“... И тоа е доволно! За праведниците нема поголема чест од овие зборови. Останува само да се испросат молитвите од светителот, да си спомнеме за љубовниот глас на кроткиот баќушка: „Бидете светлина и топлина за другите; трудете се прво да го загреете семејството, трудете се над тоа, за тој труд да завладее со вашиот круг на семејството, и таа топлина со текот на времето ќе зафати нови и нови луѓе, и кругот, осветлен од вас постепено ќе расте и ќе расте; трудете се така да гори вашиот светилник...“
Извор: Православие.ру