Богопознание (22.08.2014)
Кој спознал дека човековиот род се наоѓа во падната состојба, дека земјата е местото на нашето прогонство, наша темнина, каде престојуваме кратко време, па излегуваме за да добиеме или вечно блаженство или вечна казна, тој секако знае и дека единственото сигурно нешто за човекот на земјата е Христос, Спасителот на изгубените. Согласно на тоа, единственото непроценливо богатство за човекот на земјата е познанието на Бог и посвојувањето од страна на Христос. Дали оној што сака да го здобие тоа богатство ги сака и привремените наслади? Напротив – ќе ги избегнува, ќе внимава да не го одвелечат. Ќе биде задоволен не само од она што е неопходно, туку и од сиромаштијата. А задоволниот човек е побогат од богатите!
Браќа, ние во овој свет сме дојдени голи; заминувајќи од него, ќе ги оставиме и нашите тела. Зошто да бараме пропадлив имот? Зошто да го бараме она што секако ќе мораме да го оставиме? Да не губиме скапоцено време на минливи нешта, па така да го изгубиме нашето единствено богатство – Христос. Да ги насочиме кон Него и умот и срцето; да бидеме задоволни со храната и облеката; да не си дозволуваме неумерени барања, за тие малку по малку да не ја привлечат нашата љубов и да ни Го одземат Христос.
Браќа! Да се научиме на честото славословие; да го користиме тоа оружје во нашите неволји. Со непрестајното изговарање на Божјото име ги одбиваме и газиме нашите непријатели, особено оние што се трудат да нѐ победат со тага, малодушност, роптање и очај. Да се очистиме со солзи, молитва, читање на Светото Писмо и отечките дела, за да можеме да ја согледаме Божјата промисла, која гледа сѐ, која владее со сѐ, која управува со сѐ, која според своите неистражени судови сѐ насочува кон целите познати единствено на Бог. Кога ќе го согледаме тоа, тогаш ќе живееме во побожност, со вечен мир во срцето, во целосна потчинетост на Бог и тврда вера во Него, воодушевувајќи се од Неговата величенственост, вознесувајќи Му слава, сега и вечно.
Свети Игнатиј Брјанчанинов