Оној што вистински Го љуби Бог, секогаш Го чува во срцето
 
 
 
 
 

Оној што вистински Го љуби Бог, секогаш Го чува во срцето (23.08.2014)

Секој што Го љуби Бог, размислува за Него, наоѓа утеха во Него и се радува во Него. Бидејќи таму каде што е неговото богатство, таму е и неговото срце (Матеј 6, 21). Нему најценето и најмило богатство му е Бог. Според тоа, неговото срце не се разделува од Него. Оттаму тој, исто така, го изговара Неговото свето име, често и со љубов. Затоа што срцето, исполнето со љубов кон Бог, покажува надворешни знаци на љубов. Од ова гледаме дека оние кои Го забораваат, не Го љубат, бидејќи заборавањето е очигледен знак за отсуство на љубовта кон Бог. Зашто, оној што љуби не може никогаш да го заборави љубениот. 

Оној што љуби, не сака никогаш да биде одвоен од оној кого го љуби. Христијаните сакаат да бидат со Господ, кога Тој е прославен, но не сакаат да бидат со Него кога Го прекоруваат, ниту да го носат својот крст. Тие Го молат да влезат во Неговото Царство, но не сакаат да страдаат во светот и така покажуваат дека нивното срце не се однесува правилно и дека тие вистински не Го љубат Христос. Ако ја кажеме вистината, тие повеќе се сакаат себе отколу Него. Поради ова Господ вели: „А кој нема да го земе својот крст и нема да појде по Мене, не е достоен за Мене“. Вистинскиот пријател се познава во несреќа. Тој е нашиот вистински пријател, а оној што нѐ љуби, не нѐ заборава за време на несреќа. Слично на тоа, вистински Го љуби Христос оној што живее со Него во овој свет, Му го принесува своето срце и без негодување го поднесува Крстот со Него, и неразделно сака да биде со Него во векот што доаѓа. Таквиот Му вели на Христос. „Добро ми е да бидам покрај Тебе“.

Знак за љубовта кон Бог е и љубовта кон ближниот. Оној што вистински Го љуби Бог, исто така, го љуби и ближниот. Оној што го љуби својот љубен, го љуби и она што љубениот го љуби. Затоа доказ за љубовта кон Бог е љубовта кон ближниот. Оттука е очигледно дека оној што не го љуби ближниот, тој не Го љуби ни Бог, како што учи апостолот.

Драги христијани, да се покаеме и да се оттргнеме од суетата на светот, да ги очистиме нашите срца со покајание, за да може Божјата љубов да престојува во нас, бидејќи Бог е Љубов.

Свети Тихон Задонски