Успението на Богородица – посредство кон Животот (27.08.2014)
Со секое празнување на Успението на Пресвета Богородица, ние повторно се сретнуваме со Пасхата (Воскресението). Пасха, но овој пат летна. Пасхата Ја подготвува Богородица за славниот премин од смртта во животот. Втора Пасха – вистински света, непорочна, животворна за човековиот род, онаа која денес „ја победува природата“.
„Како може изворот на животот да оди кон животот преку смртта?“ (св. Јован Дамаскин). Со смртта на „животодавната Мајка“ Господ ја надминува смислата на смртта, и затоа не ја именува со смрт, туку „Успение“, „свето посредство“ и пат кон Бога. Дури и ако овој настан се нарекува смрт, таа (смртта) е животодавна и претставува премин кон бесмртниот и небесен живот.
Успението на Богородица, како неспорен факт, зачуван во Светото Предание, се воплотува во православното учење и нема ништо заедничко со пиетистичките ставови на Западната црква за непорочното зачнување и бесмртноста на Богородица.
Богородица претставува уникатно Божјо создание кое ги надминува и луѓето и ангелите. Таа, единствена од сите луѓе, живеела непорочно и недостижно, и на тој начин станала Божја Мајка. Таа не згрешила, немала нечисти помисли, Таа, со својата природа не знаела за телесните состојби на овој живот, односно за болестите. Но, и покрај тоа, нејзиното тело сепак било човечко и морало да се соочи со слабоста на смртта. Бог, иако не ја разделил Нејзината душа од телото, истите, набрзо ги соединил, како што тоа се случило со Христос. После смртта душата на Богородица веднаш се соединила со Христос. Во часот на Успението на Богомајката Господ, заедно со небесните ангели и светии, ја вознесува Нејзината душа не на небото, туку „на Својот царски трон, во Светињата на Светиите“, како што пишува св. Јован Дамаскин. Животодавното и богоносно тело на Богородица, откако три дена било во состојба на нераспадливост, било пренесено во небесниот дворец на нејзиниот единороден и возљубен Син. Затоа ние можеме да зборуваме за телесното Воскресение на Богородица. Сепак, ова восресение не било Нејзино дело, туку на Нејзиниот Син и Бог.
Очевидец на ова Воскресение, односно Успение на Богомајката бил апостолот Тома, кој не присуствувал на Нејзиното блажено погребение. Тој пристигнал три дена подоцна, кога после молебниот апостолите ја отвориле Нејзината гробница и не го нашле Нејзиното богопрославено тело. Тие виделе, како Богородица се вознесува на небото и на апостолот Тома му го дава својот чесен и светол појас како доказ за нејзиниот премин во вечниот живот. Нешто слично се случило со апостолот Тома кога тој ги допрел раните на Господ.
Телото на Богомајката, исто како и телото на Христос, после погребението не се распаднало. Ако после Христовото воскресение телата на многу Негови светители останаа нераспадливи, истото се случи и со „Богоносната Скинија“, со Божјата Мајка.
Свети Андреј Критски укажува на тоа дека чувањето на чистотата од страна на Богородица после Христовото рождество има суштинско значење за незината нераспадливост после смртта. „Како што Рождеството не донесе пропаѓање, така и смртта не дозволи распаѓање“.
После своето успение Пресвета Богородица станува Мајка на новото создание, на Христовата Црква. Како што Богомајката го имаше централното место во домостројот на спасението, бидејќи со Нејзино посредство се воплоти Господ – главата на Црквата – сега, во Небесната Црква, Таа ја има целата полнота на благодатта, славата и откровението. Таа е добротворка за сето создание, кога тоа Ѝ се обраќа, Ја моли, како Господарка, Владичица, Царица и Богомајка.
Со помош на Богородица и преку Неа целата човечка историја достигнала ново ниво, далеку подобро и повисоко во споредба со она кое го имала пред Таа да се појави.
После Христовото воскресение, Богородица им била поддршка на апостолите и на новонастанатата Христова Црква. Таа ги учела новообратените христијани, ги насочувала, утешувала во страдањата. Од житието на Богородица ние дознаваме дека за три дена после Нејзиното успение Ја посетил архангелот Гаврил, како некогаш на денот на Благовештението и Ѝ соопштил дека Ѝ следува премин од смртта кон животот. Потоа Светиот Дух на чудесен начин ги собрал сите апостоли во Гетсиманија, во домот на Богомајката, за тие да можат да присуствуваат на Нејзиното погребение и да го земат Нејзиниот благослов. Давајќи Ѝ на прославената Божја Мајка постојни пофалби, апостолите Ја замолиле да им даде последни совети (инструкции). Тогаш Богородица им кажала парабола во која светот алегориски го споредила со панаѓур каде човекот си купува најдобар производ мислејќи дека истиот најмногу ќе му користи. Потоа Таа им објаснила дека така е и во духовниот живот. Кој со голема прецизност и ревност ги исполнува Христовите заповеди, тој ќе се удостои со најдоброто богатство и повеќе од останатите ќе биде прославен во Небесното Царство. Таа ги поттикнала да учествуваат во таа борба.
И навистина, каква радост Ѝ принесуваме на Богородица кога Таа гледа дека ние се бориме за нашето спасение. Каков одмор! И самата Таа во својот овоземен живот ја водела таа невидлива борба, и без да биде совршена ни покажала пример на совршена аскеза. Во нејзиниот дом во Гетсиманија, после Успението биле најдени вдлабнатини каде Богородица коленичела и се молела. Таа имала и вдлабнатини на Нејзините колена.
И ние да го подражаваме Нејзиното крајно послушание, смирение, Нејзиниот мистичен и внатрешен духовен живот, Нејзината огнена молитва, непрестајното бдеење, светата љубов, духовните болки, прободувањето на Нејзиното срце во времето на распнувањето на Крстот на Нејзиниот Син.
На сите луѓе, кои ја водат духовната борба, Богородица им е непобедлив сојузник, дури и ако тие претходно живееле неблагочестиво. Спомнете си за преподобната Марија Египетска, за која Богородица станала „добротворка“ на најзиното покајние. И кога Марија заминала во пустината, за да ја води телесната бојна, Богородица ја тешела со своите свети јавувања.
Богородица како покровителка на монасите е извор на Божјите дарови за нив, а особено за светогорските монаси. Таа ги удостоила со дарот на умната молитва св. Максим Капсокаливитски, св. Григорој Палама, св. Силуан Светогорец и блажениот Старец Јосиф Исихастот, неразделно поврзувајќи го со нашите браќа. За нас како духовни чеда на Старецот Јосиф, денешниов ден е многу важен. На овој ден во 1959 г., после отслужувањето на Божествената Литургија, Старецот блажено се упокои. Тој многу Ја љубеше Богородица, нарекувајќи Ја своја нежна Мајка, во животот примајќи од Неа мноштво дарови, откровенија и јавувања. Преподобните светогорски Отци секогаш се одликувале со неверојатна љубов кон Богомајката. Со самото слушање на Нејзиното име тие не можеле да ги задржат солзите предизвикани од таа чиста љубов, а нивните богољубиви души се исполнувале со восхит и благодарење. Само една помисла за Богомајката, размислување за Неа, го осветува човекот.
Современиот човек треба да го цени спасителното посредство на Богородица, во страдањата и маките не треба да заборави за Помошничката на оние што страдаат, Застапничката, Покровителката, Утешителката на оние што очајуваат; обраќајќи се кон Неа тој секогаш ќе најде спокој, решение и одговор. Да се помолиме, бидејќи Богородица, „посредничката кон Животот“, секогаш го давала својот благослов, помагајќи ни да го минеме нашиот животен пат што е можно подобро, поспокојно и заштитени од измамите и подмолноста на лукавиот, и да се удостоиме за Небесното Царство на Нејзиниот Син. Амин.
Старец Ефрем Филотејски и Аризонски