Внатрешниот живот
 
 
 
 
 

Внатрешниот живот (08.09.2014)

Внатрешниот живот е темел над темелите кај православната вера и тој мора да биде составен дел од животот на православниот христијанин. Доколку не бдееме над себе, над своите срца, над својот разум, над помислите, нема да се спасиме. Мораме да внимаваме сите тежнеења на нашето срце да бидат насочени кон прославување на Господ и нашите мисли да бидат насочени само кон Него.

 

Преку самопознание и бдеење над себе ја добиваме благодатта и силата за здобивање на бесмртниот живот.

 

Понекогаш гледаш човек – навидум по ништо не се разликува од другите, но според внатрешниот живот е голем пред Бог и често прави големи добродетелни дела. Без внатрешниот живот, без бдеењето над себе човекот лесно паѓа во грешки и беззаконија. Затоа треба да се трудиме со нашето надворешно однесување да управува внатрешното расположение на срцето. Доколку надворешниот живот на човекот преовладува над внатрешниот, доколку тој е преокупиран само со земните работи и не се труди во духовното, т.е. за своето спасение, порано или подоцна ќе почувствува незадоволство од животот, празнина, темнина, и тоа неизбежно ќе го однесе во очај, односно униние.

 

Да, страшно е да се живее без Бог, со други зборови, без внатрешниот живот човекот никогаш нема да ги вкуси мирот и духовната радост, радоста во Бог во овоземниот живот, а уште помалку во идниот.

 

Труди се, мој пријателе, на внатрешниот живот да му дадеш првостепено значење. Немој да си мислиш дека тој е возможен само за избраните. Тој е прифатлив за сите луѓе, со која било титула, во која било состојба, кои живеат во кое било време, кои извршуваат која било должност, која било работа, па дури и најтешката. Нема причина поради која човекот не би можел да влезе во себе и да го следи секое движење на срцето, секоја помисла. Тоа не го може само оној кој не сака да се занимава со внатрешниот живот, кој повеќе сака да се занимава со себе отколку со Господ. Меѓутоа, во душата која е преокупирана со себе, само со надворешниот живот, не може да пребива благодатта.

 

Мој пријателе, моли Го нашиот Господ Исус Христос да ти ја подари онаа чиста Светлина на самопознанието која ќе те научи никогаш да не се одвојуваш од Него. Кога ќе ја вкусиш блажината на внатрешниот живот повеќе никој и ништо нема да може да те спречи во побожноста. Господ, на оној кој се занимава со вниманието над себеси му подарува таква способност да може истовремено и да се моли, и да ја извршува најкомплицираната и најтешка работа.

 

Во сите свои животни околности труди се пример да ти биде Господ Исус Христос. Влези во себе и сообрази се со Божјиот пример, постапувај онака како што би постапил Христос. Во своите зборови и дела пример нека ти биде Тој. А за да ги знаеш зборовите и делата на Исус Христос внимателно проучувај го Светото Писмо и почесто оди во црква. Нема ниту едно дело од Неговиот живот кое не би претставувало пример кој треба да го следиме.

 

Исус Христос е совршен пример, и луѓето никогаш нема да можат да достигнат такво совршенство, но Тој треба да ни биде пример, треба да Го подражаваме колку што имаме сили и можности за да бидеме Негови вистински следбеници. Без Божјата благодат, односно само со своите сили тоа нема да можеме да го направиме, затоа треба срдечно да Го молиме Господ да ни ја даде благодатта на Светиот Дух.

 

Но те советувам, чедо мое, внимателно да правиш сѐ, без брзање, затоа што брзањето му нанесува голема штета на внатрешниот дух. И немој да се трудиш да се истакнеш со духовно-моралните подвизи пред луѓето за тие да се одушевуваат од твоите дела, со други зборови, заради прославување на своето име.

 

Схи-игумен Сава Псковско-Печерски