Ако човекот не се моли, Му станува туѓ на Бог
 
 
 
 
 

Ако човекот не се моли, Му станува туѓ на Бог (14.09.2014)

Ова е една од најсериозните работи кои треба да ги правиме. Човекот, оптоварен со телевизорот (компјутерот), не може да се моли; бидејќи е расеан, тој не може да се моли, тој го губи најсветото. А Спасителот вели: „Молете се постојано!“ Непрестајната молитва е постојана поврзаност со Бог. Така треба да биде и така е, затоа што тогаш се наоѓам постојано во Неговото присуство. Не може јас да бидам со Бог, а да гледам на друга страна; срамно е ако мојот поглед е свртен од Него. Бог секогаш е присутен тука, затоа молете се непрестајно. Така секогаш ќе бидеме во контакт со Него! Како што нема живот без дишење, не треба да ја оставаме ниту молитвата, затоа што таа ни е насушна потреба дадена од Бог. Светите Отци велат дека треба да учиме од разните добродетели, да се научиме да бидеме добродетелни.

Погледнете, Бог ни ја дал потребата од воздух. Но зошто Тој го создал човекот со потребата од воздух, од дишењето? Ангелите немаат потреба од дишење. Тие немаат потреба од воздух. Бог му ја дал на човекот таа потреба – активност, без која човекот не може да живее, затоа што без неа тој веднаш ќе умре, но и за да сфати дека има и нешто друго. Не само телото, туку и душата може да умре ако го нема потребното. Нам ни е потребна таа врска со Бог затоа што ако човекот не е во постојан контакт со Него, тој ќе умре. Затоа молете се непрестајно и бидете постојано во контакт со Него, како што вели св. Григориј Богослов: „Диши Го Бог како што дишеш воздух“. И св. Јован Златоуст вели: „Не долги, туку кратки и чести молитви, за постојано да бидеш во молитва, за непрестајно да бидеш поврзан со Бог“.

Старец Петрониј