Плачот по Бог е радост во Светиот Дух (29.09.2014)
За да пребиваме во благодатта, потребно е да ги исполнуваме Христовите заповеди, затоа што Христос, како што вели преп. Максим Исповедник, „се крие во Своите заповеди“; таму и ние можеме да Го најдеме. Ние можеме да зедничариме со Него преку Неговите заповеди. Ако христијаните постојано и цврсто внимаваат на заповедите тогаш започнуваат да се отстрануваат гревовниот талог и гревовните навики, и гревовноста во нивната душа се заменува со желба за Бог. Желбата за Бог, пак, е дар на Божјата благодат и се појавува благодарение на исполнувањето на заповедите и непрестајната молитва. Како што велат светите Отци: „Умот, кој ја вкусил благодатта на Светиот Дух не може да се смири, дури ни за секунда, ако не зедничари со Бог“.
Кога човекот ќе се навикне на постојната комуникација со Бог, тогаш неговиот ум почнува да се просветлува и тој ја гледа целата големина на својот грев, целата големина на својот пад, многу поразлично од порано. Умот се просветлува и ја гледа сета длабочина на својата гревовност, но тој не очајува, не се разочарува, не губи смелост, туку гревовите, кои просветлениот ум ги гледа, стануваат храна за неговото покајание. Тогаш човекот започнува вистински да се кае.
Првите зборови на Христос, кога Тој за првпат излегол да проповеда, биле: „Покајте се!“ Во грчкиот јазик тој глагол многу прецизно ни укажува на смислата на оваа Христова заповед: „кајте се постојано“. Но иако покајанието придонесува за плач на срцето, сепак тоа не е некакво меланхолично расположение, туку радосно.
Тој „плач по Бог“ светите Отци го нарекле радосен, затоа што истиот дава радост, ликување, човекот чувствува вистинска радост, но тоа не е некаква психолошка состојба, туку плод од Светиот Дух. Тука се и солзите, а како што вели преп. Исаак Сирин: „Солзите се знак за Божјата милост“.
Ако човекот продолжи со овие духовни активности: исполнувањето на заповедите, покајанието, потоа плачот, солзите, тоа е можност да ги избегне гревовите.
Ние знаеме дека гревовите започнуваат од помислите, кои потоа преминуваат во зборови и дела. Ако човекот постојано се подвизува во делото на покајанието, прво ќе има можност да ги избегне гревовите со дело, па ќе продолжи да се бори со гревовите извршувани преку збор, и на крајот ќе ја започне борбата со помислите. Така умот ќе почне да Му се приближува на Бог, преку тој созерцателен живот.
Тогаш умот ја вкусува Божјата благодат, тој го гледа не само својот гревовен живот, туку и Божјата, Татковската и Мајчинската интервенција на Божјата промисла. И тогаш тој веќе преминува на следната фаза: излегува од првиот стадиум на верата, оној после Светото Крштение, и преминува на следната лествица – на созерцателната вера. Затоа што просветлениот и облагодатен ум го гледа својот живот во Божјата промисла и благодарение на тоа тој станува вистински (цврст) верник.
Како што знаеме, Христос посветил големо внимание на верата, која е клуч кон тајната на благодатта. Како што читаме во Светото Евангелие, Христос при секое чудо ја фалел верата кај народот, на пример: „О жено! Голема е твојата вера“, или на друго место: „... не сум видел толку голема вера“.
Ве уверувам дека ако продолжиме вака ќе го вкусиме она за кое заборувал Христос, затоа што Христовата Црква не е Црква на никаква идеологија, не е Црква на философијата, туку Црква на духовниот опит. Кога човекот живее со Божјата благодат, тој целосно се посветува на Бог, односно според зборовите на Христос, тој најпрво го бара Божјото Царство и Неговата правда, а сѐ останато му се придодава.