Кој може на достоен начин да ја пофали Божјата умна молитва? (02.10.2014)
И преподобен Доротеј вели дека првосоздадениот човек, кој Бог го населил во рајот, се молел.
Од ова се гледа дека Бог го создал човекот според Својот образ и подобие, дека го вовел во рајот за тој да ги обработува бесмртните градини, т.е. мислите насочени кон Бог – најчистите, највозвишените и најсовршените, како што пишува св. Григориј Богослов.
Ова не е ништо друго туку факт дека на првиот човек, бидејќи бил чист по душа и срце, му било одредено да живее во созерцателната, благодатна молитва, која самиот ум ја свештеноизвршува, односно во насладување од гледањето на Бог, и храбро да ја чува, како рајска активност, како зеницата во окото, за таа никогаш да не си замине од душата, односно срцето.
Меѓутоа, оваа молитва добила неспоредливо поголема слава кога Најсветата од сите светии, почесната од серафимите и пославната од серафимите, Пресветата Дева – Богородица, во Сетињата на светиите, вознесувајќи се со умната молитва во крајната висина на Боговидението била удостоена да биде пространо престојувалиште за Божјото Слово, Кое не може да престојува во секое создание, како што за ова сведочи некршливиот (вечен) столб на Православието, светиот Солунски Архиепископ Григориј Палама.
Тој вели дека Пресвета Богородица, престојувајќи во Светињата на светиите и сфаќајќи од Светото Писмо дека човековиот род пропаѓа поради своето непослушание, исполнувајќи се со крајно милосрдие, ја усвоила умната молитва упатена кон Бог како средство за најбрзо помилување и спасение на човековиот род.
Еве ги неговите сопствени зборови: „Кога Таа чула и видела сѐ што се случува, и кога се исполнила со милосрдие кон човековиот род, и кога барала начин за спасение и лечење од страдањето почнала срдечно да Му се моли на Бог и на тој начин Го привлекла кон нас...
Сфаќајќи дека од сѐ што постои ништо не е подобро од оваа молитва, Богородица го здобива светото тихување (и го утврдува) како нешто најнеопходно за молитвениците (при комуникацијата со Господ).
Секоја друга добродетел е како лек кој се применува за душевните болести и за малодушноста поради измамничките страсти кои се вкорениле, а Боговидението е плод на здравата душа, како некое конечно совршенство. Затоа човекот не се обожува од зборовите и од видливите дејства на разумната умереност, бидејќи сето тоа е земно, и ниско, и човечко, туку престојува во тихувањето, благодарение на кое се ослободуваме од земното и се вознесуваме кон Бог, живеејќи во височината на тихувателниот живот, и дење и ноќе, трпеливо подвизувајќи се во молитвата, и на тој начин Ѝ се приближуваме на непристапната и блажена Природа.
И на тој начин, молејќи се трпеливо, преку молитвата која необјасниво станала едно со Светлината, која го надминува разумот, Го гледа во себе Бог, како во огледало, благодарение на исчистеното срце со светото тихување“.
И понатаму: Откако оставила сѐ световно „заради општењето со Него и животот во внимание и непрестајната молитва... ни го открила неискажливиот пат кон небото, кој јас го нарекувам умно молчење“.
Од овие зборови на св. Григориј Палама се гледа дека Преsвета Дева, практикувајќи ја молитвата, се вознела во крајната висина на Боговидението и самата ни го покажала внимателниот живот на внатрешниот човек – одрекувањето од светот во име на светото, преку свештеното тихување на умот (умното молчание) во непрестајната Божја (Исусова) молитва, за преку вниманието на умот, сосредоточувајќи и вознесувајќи се кон Боговидението да Ја имаме за пример: одрекувајќи се од световното, срдечно да се подвизуваме во наведениот труд на умот и потта, трудејќи се, според силите и Нејзините молитви, да бидеме Нејзини поддржувачи.
И кој може на достоен начин да ја пофали Божјата умна молитва, која ја практикувала и самата Божја Мајка, поучувана од Светиот Дух?
Преподобен Паисиј Величковски