Поклонувањето, духовно и вистинско, се извршува преку молитвата со умот во срцето
 
 
 
 
 

Поклонувањето, духовно и вистинско, се извршува преку молитвата со умот во срцето (03.11.2014)

Најважните елементи кај усната молитва, кои треба да се имаат предвид, се овие:

1.     Внимание;

2.     Затворање на умот во зборовите на Исусовата молитва;

3.     Изговарање на зборовите без брзање и со покајнички дух;

4.     Малку да се задржува дишењето, за во тоа време еднаш да се изговори молитвата: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“.

Иако овие услови се потребни и за другите молитви, сега се однесуваат на Исусовата молитва. Исусовата молитва или умната молитва, земено во поширока смисла, е молитвата извршена со умот. Кај светите Отци спомнатата молитва гласи: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“ (св. Никодим Светогорец).

Треба и да се знае фактот дека таа молитва на умот е неопходна не само за монасите, туку и за секој христијанин, бидејќи големиот апостол Павле им се обратил на христијаните, кога рекол: „Молете се постојано“. Ако некој рече дека таа заповед била дадена за молитвата со уста, ќе одговориме: затоа што сме луѓе и имаме тело, секако дека е достојно и со телесно поклонување да Му служиме на Бог; но бидејќи Тој е Дух и Ум, и прв од сите духови и умови, достојно е да Му принесеме поклон со умот и духот, зашто тој вид на молитва Му е поблиска по природа, „затоа што секој кој е според подобието го сака Оној Кому Му е подобен“. А на тоа не нѐ научил некој од луѓето, туку Самиот Божји Син, Кој ни рекол: „Отецот бара такви да бидат оние што Му се поклонуваат. Бог е Дух, и оние што Му се поклонуваат, со духот и вистински треба да се поклонуваат“. А таквото поклонување, духовно и вистинско, се извршува преку молитвата со умот во срцето.

Римскиот философ Катон, иако тој бил еден од оние надвор од Црквата, рекол: „Бог е ум, и со чист ум чествувај Го повеќе од сѐ останато“ (св. Никодим Светогорец). Токму поради тоа отец Григориј Синаитски ги поучувал на оваа активност не само монасите на Света Гора, туку одел и ги поучувал на ова свето дело и мирјаните кои биле ревносни за нејзино спознавање, дури до романската држава. Потоа, големиот светилник Григориј Солунски не само што ги поттикнувал сите христијани да се молат со умот во срцето, туку дури и им пратил слово на Јован и Теодор, философите кои живееле во светот, во кое им ги открил тајните на светата молитва на умот и трезвеноста.

Старец Клеопа