За искушенијата (26.11.2014)
Радувајте се, браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија, знаејќи дека испитувањето на вашата вера создава трпеливост.
(Јак. 1, 2-3)
Преку болка со срдечна молитва се осветува нашето срце и преку опит се учиме за слабостите на нашата расипана природа. На овој начин практично сфаќаме дека без Божјата помош ништо не може да направиме. Овој длабок опит се стекнува со крвта на нашите срца и останува неизбришлив. Тој станува темел за остатокот од нашиот живот. Божјата благодат оди и повторно доаѓа, но овој опит никогаш не нѐ напушта, затоа што е вграден внатре во срцето. Не е важно колку ѓаволот ќе го напаѓа срцето, тоа укажува на нешто што е неизбришливо втиснато во неговите длабочини, а тоа е ‒ дека без Бог не можеме ништо да направиме.
Кога би немало искушенија, гордоста и другите страсти би нѐ претвориле, сите нас, во „луцифери“ (демони). Меѓутоа, нашиот добар Бог Отец допушта кај нас да дојдат страдања за да го зачува смирението и да го олесни товарот на нашите гревови.
Значи, чеда мои, радосно поднесувајте го секое искушение кое Бог ви го праќа, без разлика дали тоа е болка или беснеење на страстите, бидејќи Бог ни го испраќа за наша корист, за да може да се смета за подвиг.
Борете се, чеда мои, борете се! Без оглед на тоа колку непријателот ќе војува со вас, бидете храбри и ќе го надвладееме. Ние Го имаме Христос Војсководецот, Кој вели: „Јас го победив светот“ (Јован 16, 33). Ние истото ќе го направиме, но не смееме да губиме надеж. Бог нема да ги презре молбите на оној кој има надеж и Го повикува, доколку истиот смирено се моли.
Не тагувајте за она што веќе се случило. Секогаш да биде Неговата волја и да велиме: „Нека е благословено!“
Се молам да се здобиете со монашки напор (труд). Сите луѓе страдаат. Ние сме блажени, бидејќи заради Христос покажуваме трпение во искушенијата. За монахот кој трпеливо ги поднесува страдањата, тие ќе станат причина за стекнување вечна слава, која, пак, истите далеку ги надминува.
Му должиме илјадници благодарности на Најслаткиот Небесен Отец, Кој промислува да се појават страдања во нашиот живот, за да не се случи во другиот свет да немаме што да покажеме, што сме претрпеле за Христос.
Болката за која ми пишуваш, чедо мое, многу е јасно дека потекнува од ѓаволот. Оној кој ги исповедал своите гревови мора да верува дека тие му се целосно простени, и целата болка треба да исчезне без задржување. Тој мора да се радува дека Бог се смилувал над него и го просветлил да ја измие својата валкана облека со искрена исповед, и мора да има добра надеж за спасение. Таа ненавремена болка уништила многу луѓе. Затоа, без оглед на сѐ, немој да тагуваш. „Радувајте се секогаш во Господ, и пак ќе речам: радувајте се!“
Чедо мое, секогаш кога ќе се случи човекот да падне, тој мора да стане и така ќе се спаси. Кога некој ќе падне и не сака да стане, тоа потекнува од демоните. Очајот е ѓаволско оружје, кое многу луѓе ги скршило. Сепак, надежта многу луѓе спасила од гробната кал на нечистотијата.
Искушенијата сведочат за внатрешната состојба на секој човек. Кога ќе се појават различни бури, тогаш доаѓа до израз вештината на поморскиот капетан. Неволјите покажуваат кој е христијанин.
Имало еден монах кој Го молел Бог да го ослободи од страстите. Бог му ги одзел и му дал бестрастие. Монахот потоа отишол кај еден опитен Ава и му рекол:
‒ Старче, јас отпочинав од страстите и сега сум мирен (а сѐ уште бил млад).
‒ Слушај, чедо мое ‒ му рекол големиот Старец ‒ оди и моли Гго Бог да ти ги врати страстите, затоа што човек не стекнува духовна корист во бестрастие, туку во борба. Бестрастието не е труд, туку почивка. Во искушенијата човек се восовршува и станува духовен, но без искушенија човекот нема да стане мудар, образован и корисен.
Затоа, биди трпелив, без оглед на тоа со што се бориш. Во овие последни времиња во кои живееме не очекуваме ништо друго освен искушенија, и тие ќе нѐ спасат!
Старец Ефрем Филотејски и Аризонски