„Најпрекрасниот меѓу синовите човечки“
 
 
 
 
 

„Најпрекрасниот меѓу синовите човечки“ (10.01.2015)

Предвечниот, безграничниот и семоќен Логос денес телесно се раѓа во пештера, немајќи ни засолниште, ни покрив, ни дом, и како Младенец се положува во јасли, се гледа со очи, се допира со рака и се повива во пелени. Овде не станува збор за тоа дека духовното битие при создавањето му претходело на битие какво што порано не постоело, или за тело кое настанало и набрзо потоа било отфрлено, или пак за тоа дека телото и духот се соединети во едно за да образуваат едно разумно живо битие, туку за тоа дека со посредство на Умот (Духот) Бог и телото неслиено се соедниниле да ја образуваат единствената Богочовечка ипостас што проникнала во девствената утроба, во која и од која, со благоволението на Отецот и со содејство на Светиот Дух, настанал надипостасниот Логос. Тој сега се одвојува од утробата и се раѓа како Младенец, но сочувувајќи ги неповредени знаците на девственост на Својата Мајка, бестрасно (безболно) се раѓа како што е бестрасно и зачнат, зашто Родителката се покажала повозвишена како од страсната наслада при зачнувањето така и од породилните болки во текот на раѓањето. Како што вели Исаија: Уште не беше почувствувала родилни маки, и роди (Иса. 66, 7), Таа, избегнувајќи го страданието, Го роди предвечниот Логос по тело, и не само што е недостижно Неговото божество туку и начинот на Неговото соединување со телото е непоимлив, како што и Неговото бесконечно снисходење и божествената и неискажлива возвишеност го надминуваат секој ум и секој збор, зашто Тој не може да се спореди со созданието. Ако и по тело погледнеш на Оној Кој денес е роден од безбрачната Дева, повторно ќе согледаш дека ни тоа не може да се споредува, зашто Тој, како што вели Псалмопевецот, е најпрекрасниот меѓу синовите човечки (Псал. 44, 2). Тој не рекол „поубав“, туку едноставно „најпрекрасен“, за да не ги споредува оние што не можат да се споредуваат, односно обичните луѓе со природата која е соединета со Бога.

Затоа, Боже, Твојот Бог, Те помаза со елеј на радоста повеќе од Твоите причесници (Псал. 44, 7), вели Псалмопевецот во продолжение. Тој е совршен Бог и совршен човек. Тој Бог е помазан и Оној Кој помазува, зашто се вели: Боже, Твојот Бог, Те помаза, зашто Бог Отецот Го помазува Логосот како Човек и Го помазува со севечниот и единосуштен Дух, зашто тоа и е „елејот на радоста“; затоа Тој и е Бог, и Божествено Помазание, и Помазан. Иако, значи, Тој се помазува како човек, Тој, како Бог, во Себе го има изворот на помазувањето. Затоа, божествено гледајќи ги сите помазани од Бога, тој (псалмопевецот Давид) ги видел и укажал на нив како на Негови причесници, зашто единствено на Бог Му е својствено да не биде причесник, туку другите да Му се причесници Нему и Тој да има причесници кои се радуваат во Духот. Таков е, значи, Оној што денес се раѓа во сиромашна пештера и Кого ние Го прославуваме како Младенец во јасли.

 

Свети Григориј Палама