За болестите
 
 
 
 
 

За болестите (14.01.2015)

„ГОСПОДИ, ДАЈ МИ ГО ОНА ШТО ГО САКА ТВОЈАТА ЉУБОВ“

 

Му благодарам на Бог што ми даде многу болести. Често Му се обраќам со зборовите: „Христе, Господи мој, љубовта Твоја нема граници!“ Чудо е што воопшто сум жив. Заедно со другите болести, имам и рак на хипофизата. Таму се создаде тумор кој расте и го притиска очниот нерв. Затоа сега веќе не гледам. Имам страшни болки. Но, се молам, носејќи го со трпение крстот Христов. Дали сте виделе каков ми е јазикот? Отечен е. Не е каков што беше. Како што поминува времето ќе ми биде сѐ потешко. Туморот ќе биде сѐ поголем, па ќе ми биде тешко и да зборувам. Многу ме боли, страдам, но мојата болест е многу убава; ја чувствувам како љубов Христова: чувствувам умиление и Му благодарам на Бог. Сето тоа е поради моите гревови. Грешен сум и Бог се труди да ме очисти.

Кога имав шеснаесет години, Му се молев на Бог да ми даде некоја тешка болест, некој рак, да трпам болка заради љубовта Негова и да Го славам преку болката. Долго време се молев со оваа молитва. Но, мојот Старец ми рече дека тоа е себичност и дека на тој начин Го присилувам Бог на нешто. Бог знае што ќе направи. Така, ја прекинав оваа молитва. Но, погледнете, па ќе видите дека Бог не ја заборави мојата молба, туку ми го направи тоа добро дело после толку години!

 

Од разните болести имаме голема полза – под услов да ги поднесуваме без роптање и да Го славиме Бог, барајќи ја милоста Негова. Кога ќе се разболиме, главното не е да не земаме лекови или само да му се молиме на свети Нектариј. Треба да знаеме и една друга тајна: да се бориме да ја здобиеме благодатта Божја. Во тоа е тајната. На останатото ќе нѐ научи благодатта. Таа ќе нѐ научи како да Му се препуштиме на Христос. Тогаш ова се случува: ја презираме болеста, не мислиме на неа, туку нежно, неосетно и несебично мислиме на Христос, па Бог врши чудо над нас, во полза на нашата душа, како што и велиме на Светата Литургија: „...Целиот свој живот на Христос Бог да го предадеме!“

 

Еден човек пред извесно време ме праша:

         Кога ќе оздравам?

         А! – му одговорив. – Штом кажеш: „Кога ќе оздравам?“, никогаш нема да оздравиш. Не е правилно да Му се молиш на Бог за такви работи. Му се молиш со немир, во агонија, да ти ја тргне болеста, но дури тогаш уште повеќе те опфаќа и уште посилно те стега. Не треба такво нешто да бараме во молитвата. Ниту, пак, ти немој да се молиш со таква молба.

Тој се уплаши, па ми рече:

         Зарем да не се молам?

         Како тоа го прашуваш? – му возвратив. Моли се, многу моли се, но моли се Бог да ти ги прости твоите гревови и да ти даде сила да Го љубиш и да Му се предадеш.

 

Кога Му се предаваме на Христос, нашиот духовен организам се смирува, а како резултат на тоа сите наши органи и жлезди почнуваат да функционираат нормално. На сѐ се шири благодатното влијание. Оздравуваме, престануваме да страдаме. Дури и рак да имаме, ако сѐ Му препуштиме на Бог и ако нашата душа се успокои, божествената благодат може со помош на тоа спокојство да влијае да исчезне и ракот, и сѐ останато.

Ако сакате да знаете, и чирот во стомакот се создава од невроза. Симпатичкиот систем, бидејќи трпи притисок, се стега и се разболува, па така се создава чир. Еднаш, двапати, трипати; стегање, стегање; жалост, жалост, жалост; вознемиреност, вознемиреност, вознемиреност – и оп, чир! Чир или рак, зависи. Кога во нашата душа постои смут и пореметување, тие влијаат на телото и нашето здравје се нарушува.

 

Не говорете: „Господи, исцели ме!“ Не! Туку: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“; несебично, со љубов, ништо не очекувајќи. „Господи, дај ми го она што го сака Твојата љубов“. Само така постапувајте отсега па натаму, со љубов кон Христос и кон браќата наши. Возљубете Го Христос! Бидете свети! Препуштете се само на пријателство со Христос, само на љубовта Негова, само на божествената љубов.