За нашиот однос кон ближниот
 
 
 
 
 

За нашиот однос кон ближниот (17.01.2015)

По односот на човекот кон ближниот може најсигурно да заклучиме за достигнатиот степен на самопознание, бидејќи секој човек во другиот го гледа она што самиот преку сопствениот духовен опит успеал да го спознае за себеси.

Кој на себе, од една страна, ја почувствувал сета болка и длабочина на страдањето на човечкиот дух, одвоен од светлината на вистинското битие, и од друга страна – што е човекот кога живее во Бога, знае дека секој човек претставува една вечна вредност, поголема од целиот свет. Тој го знае човековото достоинство, знае дека на Бога му е мил секој еден од најмалите браќа (Мат. 25, 40) и затоа никогаш, дури ниту во себе, нема да помисли на убиство, нема да си дозволи да му наштети на ближниот или да го навреди.

Оној што „само верува“, кој спознал само умерена благодат и само нејасно го „претчувствува“ вечниот живот, по мерката на својата љубов кон Бога се чува од грев, но неговата љубов не е ни приближно совршена. Таквиот човек може да го навреди својот брат.

Оној, пак, што без сожалување, „заради своја корист и интерес“, му нанесува штета на другиот, помислува или извршува убиство, станува сличен на ѕвер и самиот во себе чувствува дека е ѕверолико суштество, т.е. не верува во вечниот живот или, пак, тргнал по патот на демонската духовност.

Преку јавувањето на Христос, Старецот беше научил да го доживува богоподобието на човекот. Тој кон секој човек, без разлика, се однесуваше како кон Божјо чедо, носител на Светиот Дух. Светиот Дух, како Дух на Светлина и Вистина, во извесна мера живее во секој човек и го просветлува. Пребивајќи во благодатта, човекот може да ја види и во другите луѓе, а кој не ја чувствува благодатта не ја гледа ниту во другите. Старецот велеше дека според нашиот став кон ближните, можеме да заклучиме за степенот на благодатта што го носиме во себе. „Ако човекот во својот брат го гледа присуството на Светиот Дух, значи дека и тој самиот во себе има голема благодат, ако, пак, го мрази својот брат, значи, дека и самиот е опседнат од зол дух“.

Тоа беше длабоко убедување на Старецот. Тој беше свесен, дека секој човек што го мрази својот брат, од своето срце прави престојувалиште за лошите духови и со тоа се одвојува од Христос.

 

Архимандрит Софрониј, од книгата „Старец Силуан“