Мисли за слободата
 
 
 
 
 

Мисли за слободата (18.01.2015)

Старецот својот живот првенствено го поминуваше во молитва, а умот кој пребива во молитва не мисли, т.е. не расудува, туку живее. Дејството на умот вдлабочен во молитвата не е занимавање со општи поимови, туку учество во битието. Умот кој вистински пребива во молитвата не се занимава со категории на рационално мислење, туку со квалитативно поинакви категории. Тие други категории се самото битие во неговата стварност, кои не можат да бидат ограничени во тесните рамки на општите поимови.  

Старецот не беше философ во обична смисла на зборот. Меѓутоа, тој беше вистински мудрец кој го знаеше и тоа што ја надминува границата на философијата.

На пример, да го земеме опитот на „сеќавањето на смртта“. Во аскетските списи на светите отци под „сеќавање на смртта“ не се подразбира обично човечко сознание за смртноста на човекот, ниту обично сеќавање на тоа дека ќе умреме. Тоа е едно посебно духовно чувство. Сеќавањето на смртта започнува со доживувањето на краткотрајноста на овоземниот живот. Ова доживување понекогаш слабее, понекогаш се засилува, а понекогаш преминува во длабоко чувство за трулежноста и минливоста на сѐ земно, после што се менува човековиот однос кон сѐ во светот. Сѐ што не трае вечно го губи својот значај и во човекот се раѓа чувството на бесмисленоста на секаков вид стекнување на земјата. Вниманието на умот се свртува од надворешниот свет и се восредоточува внатре. Душата се поставува пред несфатливата длабочина на темнината. Ова видување ја доведува душата до ужас, кој ја побудува на усрдна молитва, која не престанува дење-ноќе. Времето започнува да го губи своето траење, но не заради тоа што во почетокот душата ја здогледала светлината на вечниот живот, туку напротив, затоа што целото нејзино битие е проземено со чувството на вечна смрт. Конечно, поминувајќи низ многу и разни степени, душата под влијанието на благодатта се воздигнува во областа на беспочетната Божествена светлина. Тоа не е некој философски „трансцензус“, туку живот во својата полнота, кој нема потреба од дијалектички „докази“. Тоа е сознанието кое не може да се дефинира, докаже и изрази. Меѓутоа, и покрај сета своја неодредливост, тоа е, бидејќи вистински живот, неспоредливо посилно и поубедливо од најсовршената општа дијалектика.

(...)

Молејќи се на Сезнајниот Бог, Старецот не многуслови и не ги појаснува своите мисли. „Луѓето ја бараат својата слобода“, т.е. слободата надвор од Бога, надвор од вистинскиот живот, таму каде што ја нема ниту може да ја има, таму каде што е крајна темнина. Слободата е само таму каде што нема смрт, каде што е вистинскиот вечен живот, т.е. во Бога.

Во благодатната молитва суштинското, или како што Старецот велеше – опитното познание на човековата слобода е извонредно длабоко. Тој со сета своја душа чувствуваше дека вистинското ропство е само робувањето на гревот, и дека вистинската слобода, исто така, е само една – воскресението во Бога.

Сѐ додека човекот не воскресне во Христос, во него е сѐ извитоперено поради стравот од смртта, и следствено – робувањето на гревот. Меѓу оние, кои сѐ уште не ја познале благодатта на воскресението, изопачувањето го избегнуваат само оние за кои е речено: Блажени се оние кои не видоа, а поверуваа.

 

Архимандрит Софрониј Сахаров

„Старец Силуан“