Монаштво на Благовестието (втор дел) (11.03.2015)
Само срцето на човек кое постојано со покајание се чисти од егоизмот, себичноста и страстите, може вистински да Го возљуби Бог и другите луѓе. Егоизмот и љубовта се противречни. Честопати се случува егоизмот да верува дека љуби, но оваа „љубов“ е само патина на љубов што ги прикрива себичноста и саможивоста.
Монасите во покајание горат со божествена љубов. Божјата љубов ги држи нивните срца заедно, така што тие не живеат само за себе, туку за Бог. Душата/невестата постојано со болка и копнеж Го бара својот Младоженец и не наоѓа почин сѐ додека не се соедини со Него. Не е задоволна да Му служи на Бог како слуга (од страв), ниту како наемник (со рајот како награда). Сака да Го љуби како син, односно со чиста љубов. „Никогаш не се плашам од Бог, бидејќи Го љубам“, вели свети Антониј Велики. Колку поголемо покајание принесуваат монасите, толку повеќе во нив се зголемува копнежот по љубовта Божја, и колку повеќе Го љубат Бог, толку подлабоко покајание принесуваат.
Солзите на покајанието го разгоруваат огнот на љубовта. Копнежот по Бог е хранет со молитвата, особено со непрестајната молитва на срцето, постојаното повикување на најслаткото Исусово име преку молитвата „Господи Исусе Христе, помилуј ме, грешниот“. Молитвата ги очистува и им овозможува заедница со Христос.
Во црковното богослужење монасите Му се предаваат на Бог, и Бог исто така ним им се предава. Монасите поминуваат многу часови од денот во богослужење на нашиот возљубен Господ. Нивното учество во богослужбите не е „обврска“, туку потреба на душата која жеднее за Бог. Во светогорските манастири секој ден се служи Божествена Литургија, бидејќи за нив не постои ништо подобро од тоа да бидат во заедница со нивниот Искупител, со Мајката на Искупителот и Неговите пријатели. Така, богослужбата е празник и радост, отворање на душата и предвкус на рајот. Со други зборови, монасите живеат на апостолски начин: „А сите што веруваа, беа заедно и сѐ им беше општо; продаваа имоти и сопствености и на секого му раздаваа според неговата потреба. И секој ден еднодушно престојуваа во храмот и, кршејќи леб по куќите, се хранеа со радост и чисто срце. Фалејќи Го Бог, беа омилени кај сите луѓе. А Господ секој ден ја умножуваше Црквата со оние што сакаа да се спасат (Дела, 2, 44-47).
Дури и по завршувањето на богослужбата, монасите и монахињите живеат во богослужење. Сиот нивен живот во манастирот, послушанијата што ги имаат, јадењето, молитвата, тихувањето и одморот, односите со другите членови на заедницата и гостопримството кон дојденците се задолженија што Ѝ се принесуваат на Света Троица. Архитектурата на манастирите ја открива оваа стварност.
Сѐ започнува и сѐ се враќа кон главната црква [на манастирот] и нејзиниот свет олтар. Централна точка на ходниците, ќелиите и на сѐ друго им е главната црква. Сиот нивен живот Му се принесува на Бог и станува Литургија.
Дури и материјалните елементи што се употребуваат во богослужбите сведочат за преобразувањето на целиот живот и на сето создание преку благодатта Божја. Лебот и виното на Божествената Литургија, благословеното масло, темјанот, клепалото и камбаните што означуваат определени часови, свеќите и кандилата, што се палат и гаснат во одредени моменти од богослужбата, движењата на псалтот и епитропите и многу други движења и дејствија, предадени преку вековните монашки правила, не се само сувопарни обрасци, ниту пак психолошки стимули за влијаење врз емоциите, туку цел, ехо и пројава на новото создание. Сите што ја посетуваат Света Гора гледаат дека ова богослужење не е статично, туку има динамичен карактер. Неговото движење е кон Бог: душата се вознесува кон Бог и со неа го зема целото создание.
Приоритетот што монаштвото му го дава на богослужењето ги потсетува Црквата и светот дека доколку Божествената Литургија повторно би станала центар на нашиот живот, светот со сигурност би се обединил и преобразил, би го надминал разединувањето, неурамнотеженоста, вакуумот и смртта, наспроти најдобрите напори на хуманистичките системи и програми за подобрување на светот. Монаштвото исто така нѐ потсетува дека Божествената Литургија и богослужбите не се само „нешто“ во нашите животи, туку „центарот“, изворот на обновувањето и осветувањето на сите аспекти од нашиот живот.
Старец Георгиј Капсанис