Монаштво на Благовестието (трет дел)
 
 
 
 
 

Монаштво на Благовестието (трет дел) (12.03.2015)

Непосреден плод на Божјата љубов е љубовта кон образот Божји, оној на луѓето и на сите Божји созданија. Во текот на годините поминати во подвижнички напор, монасите стекнуваат „милостиво срце“, кое љуби како Бог што љуби. Според Ава Исак Сирин, „милостиво срце е срце што гори заради целото создание – за луѓето, птиците, животните, демоните и за секое создадено суштество, и со самото видување и присетување на нив, реки солзи истекуваат од очите на милостивиот човек. Од силната и изгорувачка милост што му го опфатило целото срце и својата голема сострадалност, срцето му се смирува и тој не може да поднесе да чуе или да види какво било ранување или најмала жал кај созданието. Поради ова, со солзи постојано принесува молитва дури и за бесловесните ѕверови, за непријателите на вистината, за оние што го повредуваат, како и за влекачите, за и тие да бидат згрижени и помилувани; неговото срце е преисполнето со таква милост каква што го исполнува срцето на Бог“ (Беседа 81).

Во „Старечникот“ среќаваме личности на пожртвуваност и љубов, кои ја објавуваат љубовта Христова. Ава Агатон кажувал дека сака да најде лепрозен човек за да го земе неговото тело. „Совршена љубов, гледаш?“, коментира Ава Исак Сирин.

Освен тоа, уредувањето на еден општожителен манастир е засновано на љубов, по примерот на првите христијански заедници во Ерусалим. Исто како Господ и Неговите дванаесет апостоли и како првите христијани, на монасите им е заедничко сѐ што имаат, вклучувајќи ги и нивните животи во Христос. Игуменот поседува исто толку колку и новиот искушеник. Никој нема пари за да ги троши како што сака, освен оние што се дадени од игуменот како благослов за одредена потреба.

Заедничкото поседување, еднаквоста, непристрасноста, заедничкото почитување и пожртвуваноста на еден за сите и на сите за еден – го воздигнува животот во општожитието кон царството на вистинската љубов и слобода. Оние што живееле и само неколку дена во вистинско општожитие ја знаат благодатта што пребива во заемната љубов меѓу членовите на заедницата и знаат колку таа ја умирува душата. Се чувствуваш како да живееш со синови на ангели.

Устроителот на општожителниот систем, свети Василиј Велики, јасно ја искажува љубовта во Христос што изобилува во манастирите: „Што може да се спореди со овој начин на живот? Постои ли нешто поблагословено? Што е повистинито од сплотеноста и заедницата? Или попросветено од мешањето на различни карактери и души? Доаѓаат луѓе од различни земји и од различни раси и се приспособуваат да живеат заедно на едно место, со таква прецизност што се чини дека се една душа во многу тела и орудија со еден и ист глас. Оние што страдаат од телесна болест имаат други да страдаат со нив. Оние што се болежливи, што се слаби во душата, имаат многу други да ги излекуваат и да ги поправат. Секој од нив им е слуга на другите, секој е господар на другите и на сите, со неосвоива слобода, секој со секој се натпреварува да биде што е можно попрецизен во своите послушанија. Овие послушанија не наметнуваат несогласување, ниту пак ги вознемируваат одговорните, туку произлегуваат од слободното изразување на мислење. Љубовта ги прави оние што се слободни потчинети еден на друг и дава слобода со поединечниот избор на секоја личност. Ова е така како што Бог најпрво нѐ создаде и причината заради којашто нѐ создаде. Монасите повторно ја враќаат изворната убавина, бидејќи го поправаат гревот на нашиот прататко Адам, зашто не би имало поделба, отуѓување, војна ако гревот не ја поделеше нашата природа на две. Затоа, монасите Го последуваат Спасителот и Неговиот воплотен живот. На пример, кога Он ги собра Своите ученици и направи сѐ да им биде заедничко на апостолите, дури и самите нив, така и монасите – оние што внимателно го набљудуваат животот, се разбира – со своето послушание кон игуменот точно го последуваат животот на апостолите и на Господ. Тие им завидуваат на животот на ангелите, бидејќи внимателно го набљудуваат заедничкиот живот на монасите. Меѓу ангелите не постои борба, никакво несогласување или сомнеж: сѐ му припаѓа на секого од нив и сите на себе го имаат благословот од сите (Аскетски огледи, 18, 20).

Во општожитие монасите можат апостолски и чисто да ја доживеат тајната на Црквата, како тајна на единство и заедница на Бог и луѓето, од опит можат да ги спознаат единството на верата и заедницата во Светиот Дух, што е желба на сите христијани. Тие од опит знаат дека Црквата не е верска фондација или институција, туку заедница во Христос, Телото Христово, Собир на претходно растурените чеда Божји (види Јован 11, 52), нивното семејство во Христос. Овој еклисиолошки опит на монасите им дава можност да ги видат своите ближни како членови на истото тело и да им оддадат почит како што би Му оддале почит на Христос. Ова е објаснувањето за великодушното гостопримство што им се принесува на поклониците и посетителите и за постојаната молитва со солзи за живите и упокоените, знајни и незнајни.

Монасите ја исполнуваат нивната љубов кон луѓето во светот на различни начини, како што се: закрепнувањето на душата и духовната поддршка што ја даваат. Многумина што се обременети и уморни во душата наоѓаат засолниште во манастирите, а посебно на Света Гора, за да најдат мир за своите души кај Старците и Отците што веќе пронашле мир со Бог. И воопшто не е невообичаено опитни светогорски отци да одат во светот, да утешат други христијани и да ги поткрепат во верата.

 

Старец Георгиј Капсанис