ЗА ВОСПИТУВАЊЕТО НА ДЕЦАТА (прв дел) (19.03.2015)
„Внимавајте да не соблазните едно од овие мали“.
Ги помните ли вие овие зборови Христови, дали сте размислувале дека тие се однесуваат директно и непосредно на вас?
Зарем малку ги имате тие „мали“ за да внимавате на нив?
Зарем малку се синовите и ќерките поради кои леете горки солзи?
Зарем малку се вашите развратни ќерки и синови, крадци и хулигани?
Многу, многу солзи пролевате поради нив. Поради што? Бидејќи не се сеќавате на зборовите Христови: „Внимавајте да не соблазните едно од овие мали“.
Кога ви е тешко поради тоа што вашите деца го прават, тогаш плачете, тогаш Му се молите на Бог да ви помогне. И молитвата ви останува бесплодна. Зошто бесплодна?
Бидејќи своите обврски не можете да Му ги наметнете на Бог, зашто вие самите требало да се грижите за своите деца и да ги воспитувате, а не да чекате Бог тоа да го направи и покрај вашата небрежност.
Ако вашиот слуга не се грижи за својата должност и чека вие самите да ја извршите, зарем ќе почнете да работите наместо него или, пак, ќе се разгневите на него?
Што сакате од Бог ако сами не се грижите за вашите деца?
Свети Јован Златоуст кажал страшни зборови за тие што не ги воспитуваат своите деца: „Родителите кои се небрежни христијански да ги воспитаат своите деца се поголеми беззаконици од чедоубијците, зашто чедоубијците со убиството го раздвојуваат телото од душата, а тие и душата и телото на детето го фрлаат во огнениот пекол“.
Тешко, тешко ќе одговара пред Бог секој од вас што не се грижи за воспитувањето на децата, исто толку тешко како што е опишано во Светото Писмо, во Првата книга за царевите, каде што се раскажува за благочестивиот првосвештеник Илија, кој педесет години бил судија на израелскиот народ. Кај него служел, тогаш сѐ уште дете, светиот пророк Самуил. И еднаш, во сон, Господ му заповедал на тоа свето дете да му каже на Илија дека го чека страшна Божја казна поради небрежноста кон сопствените деца.
А децата му биле свештеници и со својата безбожност го навредувале народот и го одвраќале од Бог.
Кога Евреите донесувале месо од животни за тоа да Му биде принесено како жртва на Бог, тогаш слугите на тие безбожни свештеници ги земале најдобрите парчиња месо од котелот во кое се готвело за принесување жртва и им ги давале на безбожните свештеници. Дури и сировото месо го земале, а по барање на дојденците да го спалат салото на жртвеникот, одговарале: „Ако не го даваш, ќе го земеме сосила“.
Гледајќи го тоа, народот се откажувал од принесување жртва.
Поради таквата неблагочестивост, Господ ги осудил не само тие свештеници туку и нивниот татко Илија. Филистејците ја нападнале земјата израилева, и за време на тешката битка 98-годишниот старец седел на еден стол во храмот и чекал вести од бојното поле.
И дошол еден возбуден гласник, целиот покриен со прав, и му рекол:
„Ги убија синовите твои, а Ковчегот Божји е запленет“.
Слушнувајќи ја таа вест, првосвештеникот паднал и умрел со тешка смрт.
А Господ објавил дека таа казна ќе се прошири на целиот негов род.
Еве, видете колку е тоа страшно – целиот род негов бил казнет бидејќи првосвештеникот Илија не ги спречувал своите синови да прават тешки гревови.
Тоа му се заканува на секого од нас, на секој што не се грижи за воспитувањето на своите деца.
А за тие што со сето свое срце настојуваат да ги воспитаат своите деца во благочестие, на секоја утрена слушате што се кажува во 102-от псалм: „А милоста на Господа е од век до век спрема оние кои се бојат од Него, и правдата Негова е од синовите на синовите кои го чуваат заветот Негов и ги помнат заповедите Негови, за да ги исполнуваат“. Од век до век е благословот Божји на тие што децата ги воспитуваат во благочестие. Кажете, што ќе се случи со вашата несреќна ќерка, која во младоста се предава на разврат и потоа се мажи и раѓа деца? Дали благословот ќе биде на неа и на тоа што е нејзино?
Не, не. Од неа ќе се роди неблагочестив, богопротивен пород. Во веки веков проклетството Божјо ќе ги обременува оние што не сте ги воспитале во духот на христијанското благочестие. Размислете, колку е тоа страшно, каква страшна одговорност имате пред Бог ако христијански не ги воспитате своите деца.
Како треба да ги воспитувате? Така како што древните христијани, христијаните од првите векови, ги воспитувале своите деца. Тие од најраното детство ги учеле децата на молитва, храм, пост, за тоа што се црковните тајни. Кога ги учеле да пишуваат и читаат, ги учеле по книгите на Светото Писмо. Тие никогаш не му допуштале на детето да седне на маса без молитва. На децата им говореле дека секое дело, секој чекор на христијанинот мора да започне со крсниот знак и молитвата. Кога ги поучувале своите деца, не се грижеле за општото образование, за паганската мудрост, за поучување во философија, музика, уметност. Не, ги учеле нешто сосем друго. Поучувајќи ги своите деца, се раководеле според едно длабоко, свето правило: „Го сметале за несреќен оној што знае сѐ, но не Го знае Бог. Блажен, пак, бил оној што Го знаел Бог, макар и ништо друго да не знаел“.
Немојте да мислите дека со тоа е забрането своите деца да ги учите на световни науки. Никако. Нашите најголеми Отци и учители на Црквата и самите во младоста се предавале на изучување на сите научни, философски мудрости. Свети Василиј Велики, свети Григориј Богослов, свети Јован Златоуст биле високообразовани луѓе во нивното време. И нашите деца треба да бидат образовани, учени. Но, единствено што е важно е нивното учење и воспитување да не се ограничи само на световната мудрост, на мудроста на овој свет. Многу е важно паралелно со тоа да ја запознаат највисоката правда и вистина, за да се научат на законот Божји и заповедите Христови, да се научат на постојано благочестие, за кога ќе ги изучуваат науките, секогаш да се сеќаваат на Бог, на заповедите Божји, на патот Христов. Тогаш, и само тогаш нема да залутаат на патот на човечката мудрост, само тогаш над сѐ ќе ја постават мудроста христијанска, познавањето на Бог.
Така треба да ги учите децата свои.
А како мора да ги воспитувате, како во нив да всадите највозвишена христијанска мудрост?
Пред сѐ, СО СВОЈОТ ПРИМЕР, бидејќи децата најмногу се воспитуваат по примерот на родителите. Кажете, дали ќе израснат добри и чисти деца кога кај своите родители тие гледаат најгнасни примери на неморалност? Дали вашите деца ќе бидат чисти, неспособни за крадење ако во тоа не ги спречувате од најраните денови во нивното детство?
Кога вашите синови крадат и ги пустошат градините, го кинат тоа што е туѓо, кога не ги оставаат плодовите да созреат во овоштарниците и кога луѓето доаѓаат да се пожалат од нив, мајките спокојно одговараат: „Па што, децата се мали, што друго може да се очекува од нив?“ Господ од вас ќе бара одговор! Страшно ќе бара, прашувајќи зошто сте им дозволиле на децата да крадат од најрани години, зошто не сте ги учеле на заповедите Божји, зошто не сте им всадиле одвратност кон крадењето и хулиганството.
Тешко ќе одговарате пред Бог за секоја соблазна што децата ваши ќе ја забележат кај вас, за сите кавги, пцовки, празнословие, тепачки што се случуваат пред нивните очи. Ако самите така постапувате, на што ќе ги научите своите деца?
Свети Лука Војно-Јасенецки