За воспитувањето на децата (втор дел)
 
 
 
 
 

За воспитувањето на децата (втор дел) (20.03.2015)

Eве вакви страшни зборови рекол великиот учител на светот, најголемиот црковен говорник, свети Јован Златоуст за родителите што своите деца не ги учат на добро, туку ги развиваат нивните лоши способности, нивните страсти и неблагочестивост:

„’Кажано е, тешко на оние што сега се смеат’, а вие на децата им давате мноштво поводи за смеа. ’Тешко на богатите’, а вие се грижете само за децата да ви се збогатат; ’тешко вам кога сите ќе почнат добро да зборуваат за вас’, а вие својот имот често го трошите на човечка слава; ’кој на братот свој ќе му каже: будало! е виновен за пеколниот оган’, а вие ги сметате за слаби и колебливи тие што молчаливо поднесуваат туѓи навреди. Христос заповеда бегање од судири и расправии, а вие постојано своите деца ги наведувате на тие зли дела. ’Кој го сака животот свој, ќе го изгуби’, а вие на секој можен начин настојувате да ги научите на таа љубов; ако не ги отпуштате, кажува Он, согрешенијата на луѓето, ’ниту Отецот Небесен нема вам да ви прости’, а вие дури и ги укорувате децата ако не сакаат да му се одмаздат на тој што ги навредил. Христос рекол дека тие што се славољубиви, што и да прават – и да постат, и да се молат, и милостина да даваат, сето тоа го прават без никаква полза; а вие само за тоа се грижете – вашите деца да се здобијат со слава.

И не е лошо само тоа што на децата им зборувате спротивно од заповедите Христови, туку и тоа што добро хулите, нарекувајќи ја скромноста необразованост, кротоста – плашливост, праведноста – слабост, смирението – слугување, незлобливоста – слабост. 

Вие ги наведувате на такви дела за кои Исус Христос одредил неминовна пропаст; вие сте небрежни кон нивните души, како кон нешто неважно, а за тоа што е навистина излишно, се грижете како за нешто неопходно и најважно.

Сѐ правите за вашиот син да има слуга, коњ и најубава облека, а не сакате ни да размислите за тоа тој да биде добар; не, грижејќи се за дрвото и каменот, душата не ја удостојувате ни со најмала таква грижа. Сѐ правите за на куќата да стои убава статуа и покривот да биде златен, а за најдрагоцената скулптура – душата, да биде златна, на тоа воопшто и не помислувате“.

Така како што зборувал свети Јован Златоуст во древните времиња, пред 1500 години, треба и сега истото да ви се каже, бидејќи зарем и вие не ги воспитувате децата исто така лошо, не учејќи ги на страв Божји? Зарем со сите сили не се грижете на своите деца да им обезбедите што подобра позиција, да ги ставите во редот на властодржците, богатите и моќните? Зарем на децата не им зборувате дека моќта е во парите, дека треба да стекнат што е можно повеќе знаење за да се здобијат со богатство и да си обезбедат безгрижен живот? 

А зарем е неопходно сето тоа? Неопходно е сосем спротивното. Децата треба да ги учите да го презираат сето тоа – пари, богатство, слава, висока позиција во општеството. Треба да им развивате љубов кон чистотата, светоста, благочестието. А сите најмалку се грижат за тоа.

Малите деца треба да почнат да се воспитуваат уште од самите пелени, бидејќи само во најраната возраст децата лесно се предаваат на секое поучување. Нивната душа е мека како восок, сѐ се втиснува во неа – како вашите лоши примери така и благочестивите зборови, и секој светол и чист пример.

Древните христијани од најрана возраст ги учеле децата на молитва и читање на Светото Писмо. А сега велат: „Зарем тоа е за деца, да се занимаваат со псалми? Тоа е работа за монасите и старците, а на децата им е потребно веселење и радост“. Вие заборавате дека свети Тихон Задонски рекол: „Каде ќе го посееш малото дрвце, таму и ќе расте; новиот сад ќе мириса така како што ќе го полееш, налевајќи го или со смрдлива или со ароматична и чиста течност“.

Така, ако душата на детето ја полевате со секакво ѓубре, таа секогаш ќе биде смрдлива. Ако ја полевате со мирисот на Христовото благоухание, вашите деца ќе мирисаат пред луѓето, ќе ви бидат радост и утеха.

Децата воспитувајте ги со својот пример. За тоа прекрасно зборувал славниот руски проповедник, Архиепископ Херсонски Амвросиј. Слушнете какви едноставни – во душата што продираат – зборови рекол: „Кога ниту еден член од семејството не може да остане без вечерните или утринските молитви, кога таткото не тргнува од домот на работа без претходно да се помоли, и кога мајката ништо не започнува без крсниот знак, кога ни на малото дете не му дозволува да земе храна без да се прекрсти, зарем со тоа не се учат децата во сѐ да молат за помошта Божја и на сѐ да го повикуваат благословот Божји, и да веруваат дека без помошта Божја нема безбедност во животот, а без Неговиот благослов нема успех во делата човечки?

За децата не може да биде бесплодна верата на родителите, кога тие, во тешкотија и сиромаштија, со солзи во очите говорат: што да се прави? Нека биде волјата Божја; во опасност: Бог е милостив; во тешки околности: Бог да ни е напомош; во успех и радост: Слава Му на Бог, Бог ни ги прати.

На тој начин секогаш и во сѐ се исповеда благодатта Божја, Божјата промисла, Божјиот праведен суд.

Мајката, предмет на севкупната љубов и нежност на детето, стои со благочестив израз на лицето и се моли пред иконата на Спасителот: децата гледаат де во неа де на иконата – и нема потреба од долги објаснувања за тоа што сето тоа значи.

Еве го првиот, нем час по богопознание. Еве го првиот, најважниот час по благочестивост. Такви часови можете и морате секогаш да им давате на своите деца.

Морате да ги чувате децата од сѐ што е нечисто, грдо. Морате да ги спречувате вашите ќерки да не читаат нечисти, сладострасни романи, морате од нив да барате разумно да читаат; не им дозволувајте постојано да се забавуваат и премногу често да одат во театар или во кино. Морате да ги учите на тивок и грижлив домаќински живот.

И уште, не смеете да заборавите дека малото дете не може да се воспитува ако тоа никогаш не се казнува. Секогаш мора да знаете дека најголема грешка прават родителите кои се заљубени во своите мали деца, кои се забавуваат со нив и сѐ им простуваат, без никогаш да ги казнат. За таквите премудриот Сирах рекол: „Разгалувај го детето и ќе ти втера страв во коски“.

А еве што вели нашиот велик светител Тихон Задонски: „Неказнуваните млади кога ќе дојдат и во зрелата доба се како неизвежбани и побеснети коњи. Затоа, христијанину, љуби ги децата свои и казнувај ги. Додека се сѐ уште мали, нека ги заболе телото, за подоцна поради нив да не те боли срцето. Нека тие плачат од тебе, за ти да не плачеш од нив и поради нив. Меѓутоа, умереноста е пофална и потребна во сѐ“.

Неопходна е умереност во казнувањето, како што кажува светителот. Децата не смеат да се казнуваат со раздразнетост, злоба, омраза. Треба да се казнуваат спокојно, љубовно; кога децата ќе ја почувствуваат таа љубов, тие ќе почувствуваат и дека ја заслужиле казната, и тогаш казнувањето ќе биде од полза и за поправање.

Многумина од вас не ни помислуваат на такво казнување на децата и оставаат неказнети не само мали туку и тешки престапи, дури и крадење, хулиганство, распуштениот живот на младите девојки.

Гледате ли какви огромни задачи стојат пред вас за воспитување на децата, гледате ли колку се свети обврските на мајките. Нема поважна обврска и потешка одговорност пред Бог за една мајка од доброто воспитување на децата. Пред Бог ќе дадете голем одговор и на целото поколение ќе го навлечете гневот Божји ако не се грижете за воспитувањето на вашите деца. И ќе се мачите, и ќе плачете, ќе плачете гледајќи ги своите деца.

Затоа: „Внимавајте да не соблазните едно од овие мали“. Насекаде грижете се за нив, насекаде давајте им чисти, свети примери на благочестивост, и тогаш благословот Господов ќе биде од век до век на децата ваши и на вас самите.

 

Свети Лука Војно-Јасенецки