Философија за светот
 
 
 
 
 

Философија за светот (24.03.2015)

Изненадување е да се биде човек, и тоа – двојно изненадување: да се биде човек во ваква возвишена и таинствена вселена. Вие не го чувствувате тоа? Не го забележувате тоа? Замислете: до овој момент вие не сте постоеле, а некој сега, во оваа ваша младешка возраст, со овие ваши сознанија, со овој ваш апарат на чувствување, со овој број на сетила, одеднаш ве извел од небитие во битие и – ве спуштил во оваа просторија. Како би се почувствувале? Гледајте, светлината е насекаде околу вас. Што би помислиле за неа? Несомнено, за вас таа би била нешто сосем необично, многу неверојатно, целосно драматично изненадување. А боите, толку многу бои околу вас, што би си помислиле за нив? Па и тие се, секоја посебно и заедно, нешто многу необично, многу неверојатно, многу драматично. Па би се погледнале еден со друг! Што би си помислиле за себе и за другите околу вас? – Чудни, необични, неверојатни битија: само изненадување до изненадување, а можеби и – привидение до привидение!

Ако излезете од оваа просторија на улица, ќе погледнете: над вас вистинско бескрајно сино небо, околу вас поминуваат луѓе, јурат автомобили, поминуваат трамваи, деца скокаат, старци се влечкаат... Како би се почувствувале и што би помислиле за сето тоа? – Изненадување до изненадување, нели? Привидение до привидение, нели? Па уште: сонце грее над вас, полека се поместува кон запад, исчезнува, и гледај, сѐ е покриено со темнина; а од темносините небеса извираат безбројни роеви ѕвезди... Што е сево ова? – Изненадување до изненадување, безброј изненадувања... Веќе сте изморени од нив; а нешто се придвижува во вас, ви го намалува самосознанието, ви го намалува самочувството и вие тонете во некој мрак, во некоја темнина, нешто како да ве влече во небитие, и вие би викале за помош, но бивајќи беспомошни, веќе не се чувствувате како самите себе, како живо битие... Сонот ве совладал... Сон? Што е тоа сон? Не ли е тоа враќање во небитие? Но гледај, си се разбудил од сон. Повторно си се вратил во битие, од небитие во битие. И ти доаѓа прашањето: кога човек може да спие и да сонува, нели е и сам од истата материја од која е и сонот?

Господа, погледнете во човечкото око... Каков љубопитен немирко е тоа кое неуморно лета од твар до твар, од боја до боја? А мислата? Уште поголем немирко од нашето око; постојано во движење, во виор, во лет, во полет кон...? Мисла – какво изненадување! Да мислиш? О! Тоа е таква уметност; сигурно, уметност над уметностите. А чувствувањето? Овде токму се наоѓа чудотворната работилница, најчудотворна во сите светови... Обрнете внимание на мислата: како настанува во вас, како се раѓа, како надоаѓа? Од каде доаѓа: од некоја непроѕирна пратемнина или од некоја светла длабочина? Мислата – тоа е најтаинствената непозната во тебе. А чувствувањето? – Втора непозната покрај другата, не помалку таинствена од неа. А инстинктот? – Тоа е некоја темнина во мене која бега од секоја светлина; а те опфаќа, те влече во некоја длабочина, во некоја несогледлива темнина. Каде е човекот најприсутен, каде го има најмногу: во мислите, во чувствата или во инстинктите? Според сето ова, човекот најмалку го има во телото, повеќе е во мислите, а најмногу во чувствата.

Способноста да мислиме, тоа е изненадување, нели? Способноста да чувствуваме, тоа е второ изненадување, нели? Способноста да гледаме, тоа е трето изненадување, нели? Способноста да слушаме, тоа е четврто изненадување, нели? Меѓу другото, што е тоа што не е изненадување во човекот и во светот околу човекот? Ако човек макар и малку сериозно го набљудува светот околу себе и светот во себе, не може да се оттргне од наметливите факти што се слеваат во едно сознание и во едно чувство: овој свет е и во целина и во поединости бескрајно изненадување за секое мисловно битие, а пред сѐ, за човекот. Го сакал тоа или не, човекот е како некој жив фотографски апарат кој, снимајќи го светот со сетилата и со срцето и со душата, со целото битие чувствува дека светот не е само еден непрекинат, туку и бескраен филм на драматични изненадувања.

А ние? Ние сме го изгубиле тоа чувствување на светот, зашто од мали постепено сме се навикнувале на овој свет, на неговите појави, на неговите настани. Всушност, повторно: ништо не е поневеројатно од стварноста, од нашата земна стварност. Ве молам, само погледнете во мајскиот цвет на една љубичица или во малото окце на ластовицата. Зарем по својот состав не е нешто поневеројатно од сѐ што луѓето може да си го замислат? И најневеројатниот роман на Жил Верн не е ни приближно толку неверојатен како еден мајски цвет, а камоли како овој свет...

 

 

Преподобен Јустин Ќелиски