За принудувањето, храброста и себеодрекувањето (27.03.2015)
1. Подвизувајте се во духовните битки, бидејќи нашиот подвиг е за здобивање на небото. Што е поубаво од еден духовен подвиг! Само помислете какви победнички песни ќе пеат ангелите на небото за оние што го победуваат гревот, и каква пофалба ќе Му принесат на Бог, бидејќи ангелите радосно празнувааат за враќањето на само еден грешник! (види: Лука 15, 7). Значи, зошто сме небрежни? Нашата мака е ништо во споредба со благата што нѐ чекаат во Небесното Царство!
Кој е мудар и кој ќе ги разбере овие работи? (види: Пс. 106, 43). Кој ќе го подигне знамето на востанието и ќе рика како лав против непријателот и ќе ја зграби победата?
Значи, чеда мои, напред! Бидете бодри; охрабрете се – Господ е со нас. Цврсто држете се до смирението, чувајте ја молитвата, поткрепете се со читање. Трчајте со храброст, повикувајте во молитвата: „Боже мој, на Тебе се надевам, да не се посрамам довека“ (Пс. 24, 2). Јас сум со вас, поткрепувајќи ве со мојата бедна молитва.
2. Чеда мои, мора да им објавиме војна на ѓаволот, на светот, на нашите зли склоности и слабости со целосно жртвување на нашата волја и нашите желби. „Стариот човек“ (Рим. 6, 6) на страстите мора да го напушти нашето срце, а мора да се роди човек во подобие Божјо, односно со бестрастие и чистота и на телото и на срцето.
Подвизувајте се со храброст и вера во Бог. Ѓаволот одвреме-навреме ќе ве напаѓа со светски желби. И покрај тоа, мора да го држите ставот на буден војник за да не станете духовно поспани и ѓаволот да не ве убие. Бидете внимателни, бидејќи непријателот рика безмилосно, барајќи кој било за да го проголта со зли страсти.
3. Постојаното принудување ни е неопходно за да не останеме надвор од Христовата брачна одаја, како безумните девици. Поточно речено, нашето духовно принудување постојано треба да ги запалува нашите светилки, за да можеме да Го видиме Христос како влегува во Својата брачна одаја и да влеземе со Него на вечната свадба на Агнецот!
Храброст, чедо мое; држи ја главата горе кога ќе се соочиш со непријателот, бидејќи ние сме воини на нашиот велик Цар, Кој победи на бојното поле на Голгота. Ако некогаш паднеме поразени, уште еднаш да станеме, и откако ќе си ги преврземе раните, повторно да го подигнеме нашето оружје со храброст и непоколебливо срце. Бидејќи имаме ваков победоносен Војсководец, и ние ќе бидеме победници со силата на нашиот Христос, сѐ додека во нашите души пребива духот на смиреноумието.
4. Не се обесхрабрувај, чедо мое, без разлика колку, на моменти, против тебе ќе беснее бурното море на разните страсти. Треба да размислуваш дека сите нешта – дури и многу други нешта – не можат да нѐ спречат во примањето на благодатта и љубовта Божја. Ако расте нашиот копнеж по Христос, чедо мое, сите пречки ќе станат многу мали и лесни за надминување. Но, кога немаме ниту љубов ниту копнеж по Христос, тие стануваат тешки за поднесување и со врели солзи ги налеваат нашите денови. Да, чедо мое, да продолжиме да повикуваме кон Исус сѐ додека Неговиот пламен не се запали во нас, а потоа сите треви ќе станат пепел.
Секогаш помни дека секој ден треба да го подигаме нашиот крст, а тоа значи тешкотии, труд, искушенија и секакво ѓаволско влијание. Кој светител ги изодел темните патишта на овој свет без страдање и опасности? А ако сме повикани да одиме по истиот пат, зошто ни е чудно кога наидуваме на тешкотии? Светилката на ревноста да ни биде запалена, и со трпение и будност да го очекуваме доаѓањето на Господ Христос.
Старец Ефрем Филотејски и Аризонски