За чистотата (30.03.2015)
Блудот се сметал за грев и во Стариот завет; тој се сметал за грев бидејќи не е ништо друго освен посрамување на природата, злоупотреба на важните природни својства, нарушување на природниот закон. Тој престап се сметал за толку голем што виновникот бил казнуван со смртна казна. Во Новиот завет тој грев добил нова тежина, бидејќи човечките тела добиле ново достоинство. Човечките тела станале членови на Христовото тело и нарушителот на чистотата сега Му нанесува срам на Христос, го раскинува единството со Него, членовите Христови се претвораат во членови на блудница (1. Кор. 6, 15). За блудникот следува казна: духовна смрт. Светиот Дух отстапува од паднатиот во гревот на блудот; се смета дека таквиот грешник паднал во смртен грев, во грев што го одзема спасението, во грев што е залог на нечистите за погибел и вечни маки во пеколот, ако тој грев не се излечи со навремено покајание.
Што е чистотата? Тоа е добродетел спротивна на блудната страст; тоа е отуѓеност на телото од вистинско паѓање во грев и од сѐ што води кон грев, отуѓеност на умот од блудни помисли и мечтаења, а на срцето од блудни чувства и страсти, по кое следи и отуѓеност на телото од телесни желби.
Насладувањето со блудни помисли и чувства е блудничење на срцето и осквернување на човекот: поради нив тој станува неспособен за општење со Бог, а блудничењето на телото е промена на целото човечко битие при соединувањето со друго тело (види: 1. Кор, 6, 16), потполно отуѓување од Бог, смрт, погибел. За човек да може да излезе од првобитната состојба, тој мора да се отрезни; за да може да излезе од втората, мора да воскресне, наново да се роди преку покајание.
Многу е важно телото да се сочува од паѓање во блуд: но само тоа не е доволно за чистотата што Бог ја сака и на која погледнува. Имаме неизоставна обврска да ја очистиме самата душа од сладострасни помисли, мечтаења и чувства, како што ни заповедал нашиот Спасител. Преподобен Макариј Велики вели: „Како што нечистотијата го заразува телото соединувајќи се со друго тело, така и душата се разорува со прифаќање на зли и нечисти помисли и согласување со нив. Ако некој си ги разори душата и умот со тоа што се согласува со злото, тој заслужил казна. Не е доволно исклучиво телото да се чува од видлив грев: и душата треба да се чува од непотребни помисли, бидејќи таа е невеста Христова“ (Беседа 7, гл. 4).
Светите Отци заповедаат на змијата да ѝ се здроби главата (Пост 3, 15), односно да се забележува самиот почеток на грешната помисла и истата да се отфрли. Тоа се однесува на сите грешни помисли, но најмногу на блудната помисла; таа е потпомогната од паднатата природа, која што токму затоа што е падната, има особено влијание врз нас.
Преподобен Нил Сорски рекол: „Ако некој при секое искушение и при секоја помисла, дојдена од непријателот, плаче и во вапај повикува кон добрината Божја за да му помогне, набргу ќе почувствува спокој, под услов да се моли разумно“ (Слово 8). „Како што на огнот му е својствено да ги проголтува сувите гранки, така на чистите солзи им е својствено да ја согоруваат секоја нечистотија на телото и духот“, рекол свети Јован Лествичник (Слово 7, гл. 31). Кога сме сами и ќе нѐ нападнат блудни помисли и мечтаења и телото необично ќе се распали, треба да паднеме на колена и на лице пред светите икони, последувајќи го тоа што го правела великата Марија Египетска, и со солзи или плач усрдно да Го молиме Бог за помилување. Да не гo оставаме опитoт за да докажеме дека Бог е блиску до нас и дека Он има власт над нашата природа: тоа ќе ни даде жива вера, а живата вера ќе нѐ утврди со необична сила и ќе ни донесува постојани победи. Да не ни е чудно ако и после долготрајни борби и исто толку долготраен спокој што доаѓа после нив, што нѐ наведувало на мислата дека е уништен отровот и настанала смрт на склоноста кон блудот во човечката природа, повторно започне жестока битка и во телото оживеат недолични тежнеења и побуди (види преподобен Макариј Велики, Поука 5, гл. 14).
Нашиот непријател е бесрамен; тој не престанува да ги упатува своите стрели против најголемите Божји светители: од опит дознал дека обидот понекогаш е успешен и дека ги соборува, па дури и разбива и садовите на Духот. Нашето тело ни е неверен другар: пламено посакува друго тело, поради сопствените побуди, но и поради туѓи побуди – побуди на паднат дух, кое во осквернувањето на телото што не му припаѓа наоѓа наслада за себе.
Многу свети Отци што живееле девствен живот себеси се нарекувале нечисти и прељубници; дури ниту тоа не е доволно! Некои од нив, наклеветени за гревот на блудот, не принеле никакво оправдување, иако многу лесно можеле да го направат тоа, и се подложиле на казни и маки, како навистина да се виновни. Површно гледано, таквото однесување може да изгледа чудно: тоа се објаснува со својството на подвигот, кое што изразува света чистота. Тој подвиг многу јасно го открива падот на природата, многу опипливо му докажува на подвижникот дека и тој неизбежно би им се покорил на барањата на природата ако Божјата десница не го оттргнала од областа на природата. Неговата чистота е Божјо дејство во него, а никако својство на природата или плод на неговите напори. Временското траење на подвигот има важно влијание врз создавањето и усвојувањето на такво мислење за самиот себе. Со сигурност може да се тврди дека светите луѓе Божји неспоредливо повеќе признаваат дека се осквернети со прељуба од оние кои, живеејќи телесен живот, непрестајно тонат во прељуба. Врз основа на таквото мислење за самиот себе, свети Василиј Велики, Ариепископ Кесариски, човек исполнет со Светиот Дух, за себе ги изговорил следниве зборови: „Не сум познал жена, но девственик не сум“ (Преподобен Касијан Римски, книга VI, За духот на блудот, гл. 19). Каков искрен плач одекнува во овие зборови!
Безграничната милост Божја нека ни подари да се приближиме кон светата чистота на светите луѓе Божји и кон нивното свето смирение. Амин.
Преподобен Игнатиј Брјанчанинов