За искушенијата
 
 
 
 
 

За искушенијата (31.03.2015)

              

„А, сега, кога еднаш веќе си бил поразен и си паднал, отсега па натаму биди внимателен со оваа страст, бидејќи искушувачот е секогаш крај нас. И во која било битка во која човекот еднаш бил поразен – дури и сто години да поминат – штом ќе се соочи со истото искушение што го поразило, повторно ќе биде совладан. Затоа, ти кажувам тебе, како и на сите браќа, дека во секоја битка со непријателот мора да излезеш победник. Или умри во подвигот или победи со Бог. Друг пат не постои.“

 

            „Во сѐ имај трпение до смрт.“

 

            „Љубовта е посилна од сета вештина и сила на непријателот.“

 

            „Бидејќи ова е тоа што ги радува искушенијата: кога ќе те видат дека тагуваш и се обесхрабруваш.“ 

 

            „Благодатта секогаш им претходи на искушенијата, како да сака да те предупреди, велејќи ти: ’Подготви се и заклучи ги вратите‘.“

 

            „Кога ќе забележиш утеха во срцето, просветлување во умот и созерцание, веднаш подготви се. Не вели: ’Ми се даде одмор‘, туку наполни го своето оружје – солзи, пост, бдеење и молитва – и стражари над своите сетила за да го чуваш умот. Запрашај се: ’Се прашувам од каде ќе започне битката? Од демоните? Од луѓето? Или од мојата сопствена природа?‘ Немој да станеш сонлив пред да се огласи бојната труба; а за време на битката ќе се покаже твојот подвиг и твојата победа.“

 

            „Кога благодатта дејствува во тебе, тогаш треба да се плашиш. И обратно, кога гледаш дека искушенија и неволји те притискаат од сите страни, тогаш треба да се радуваш.“

 

            „Бидејќи тоа е закон Божји: сѐ што причинува наслада, се лекува со болка.“

 

            „Зошто им дозволуваш на демоните да блудничат со твојата душа?“

 

            „Каде што има послушание, смирение и подвиг, демоните никогаш нема да можат да го заробат тој човек.“

 

            „Од скаменетоста, непослушанието и гордоста се раѓаат унинието и небрежноста. Тогаш доаѓаат сите демони и душата на таквиот човек ја претвораат во ѓубриште и штала. И не се смируваат сѐ додека тој човек не го направат одговорен за стари и нови гревови и потполно не го заробат.

            Значи, вложи напор, чедо мое, бидејќи ако си небрежен, ќе биде неопходно да поминеш низ лоши и ужасни работи.“

 

             „Монахот треба да ги жртвува и денот и ноќта за славата и љубовта Божја.“

 

            „Има периоди за монахот кога благодатта е присутна и му помага. Тогаш тој се наоѓа во рајот и живее како бестелесен ангел. Но, кога благодатта ќе го напушти за да го испита, тогаш тој во секој момент ги вкусува отровните води на пеколот. Темнина и тага ја обземаат неговата душа. Но, повторно доаѓаат светлина и утеха, а потоа повторно неподнослива болка.“

 

            „За да уживаш таква благодат, мораш да се подвизуваш и да страдаш целиот свој живот.“

 

            „Не очекувај да најдеш радост и одмор во што било што ја натажува твојата душа и што ја оддалечува божествената благодат.“

 

            „Не погледнувај на светот за да може Бог да погледне на тебе. И ако секогаш ја чуваш девственоста на телото и душата, Пресветата Дева ќе те чува од секое зло, од многубројните видливи и невидливи непријатели.“

 

            „Само тој што чини грев треба да се плаши од ѓаволот. Тогаш непријателот може да му нанесе штета, бидејќи Господ го напуштил.“

 

            „Делата на сатаната се ништо во споредба со силата Божја. Значи, кога Господ нѐ испитува како што Он најдобро знае, тогаш треба да го покажеме нашето трпение и благодарност.“

 

            „Сепак, неверојатно е како сѐ што е минливо, сите суетни нешта на овој сегашен живот се движат и менуваат. И тогаш, за еден миг првиот ќе стане последен, а последниот – прв.“

 

            „Токму затоа Филип Македонски – како што е опишано во историјата, кога истовремено му дошле три радосни и почесни известувања – го извадил својот скап прстен и го фрлил во морето, за да ја смири својата прекумерна радост со загубата на својот прстен. ’За секој случај‘, рекол, ’не сум способен да ги издржам многубројните несреќи што истовремено може да ме снајдат‘.“

 

            „Многу добиваш кога си искушуван. Освен наградата за трпението, се вежбаш и учиш за луѓето. Ако еден камен не се удри од друг камен, нема да се добие искра. Неискушуваниот човек е потполно безвреден.“

 

            „Христос, Кој ја дава борбата, дозволува искушенија од следниве причини: за да може да се здобиеме со победи против непријателот, да се очистиме од страстите и да се восовршиме.“

 

 

Старец Јосиф Исихаст